Македонија
„Мојот народ одлучува“-форуми за буџетот на Кисела Вода за 2025 година
Во големата сала на Општина Кисела Вода вечерва се одржа Буџетски форум, организиран со цел креирање на буџетот за 2025 година. Настанот, кој се одвиваше под слоганот „Мојот народ одлучува, буџет 2025“, претставуваше можност граѓаните директно да учествуваат во дефинирањето на приоритетите и потребите на локалната заедница.
Жители на општината, претседатели на месни заедници, секретари и членови на одборите активно дискутираа со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и раководителите на секторите од општинската администрација. Граѓаните предлагаа идеи од различни области, како што се инфраструктура, образование, култура, создавање на паркинг места, и многу други. Сите предлози беа разгледувани од финансиски и технички аспект, при што голем дел од нив беа прифатени за понатамошна реализација.
Како дел од форумот, присутните пополнија и анкетни листови со цел детално да ги истакнат своите идеи и приоритети.
„Денес сме тука заедно, за да го трасираме нашиот заеднички пат кон креирање на буџет на Општина Кисела Вода кој е одраз на вашите потреби, идеи и приоритети. Месните заедници, чии претставници сте вие, како форма на делување, отсекогаш биле првиот гласник на проблемите и потребите на граѓаните. Вашето учество овде денес е од исклучителна важност, бидејќи вие сте оние кои први ги дознавате реалните предизвици, но и можностите на секој наш жител, од секоја улица, од секое маало“, истакна градоначалникот во своето обраќање. Тој го нагласи досегашниот успех на транспарентниот и инклузивен пристап во работата на општината, подвлекувајќи дека дури 95% од неговата четиригодишна програма е реализирана. Додаде дека бројни проекти, кои не биле планирани во програмата, се спроведени врз основа на идеи и потреби изразени токму преку вакви форуми.
Настанот продолжува утре со нова форумска сесија на која граѓаните ќе земат активно учество во одредувањето на приоритетите за буџетот за 2025 година, соопштија од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

