Македонија
Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид
Охридската гимназија, цела година е со раскопан двор. Учениците се заложници на неспособната локална власт, предводена од ДПМНЕ. Парите на изведувачот му се исплатени, а работата ни оддалеку не е завршена.
,,На изведувачот, само за реконструкција на дворот му се исплатени 230.000 евра од страна на Општина Охрид, за моментално оваа слика што ја гледате позади мене да биде ваква – грда, раскопана, каллива, нереконструирана…”, вели Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, од местото каде веќе цела година се одвиваат наводните градежни активности.
Според Мојсоска, баснословната сума и тендерот за овој цела година – раскопан двор по кој газат учениците од Охрид, повторно се во рацете на т.н. ,,локален шериф” од ДУИ.
,,Овој тендер заврши во рацете на познатиот Нефи Усеини, кој е рекордер по бројот на дивоградби тука во општина Охрид. Дополнително, истиот овој човек доби 80.000 евра тендер – повторно од Општина Охрид за реконструкција на оградата од дворот на истово училиште. И како тоа да не е доволно, токму Нефи Усеини за оваа иста гимназија доби 50.000 евра за електрична инсталација. Сè на сè, овој познат функционер, Нефи Усеини, доби, речиси, 500.000 евра од страна на власта на ВМРО – ДПМНЕ.
Мојсоска потсети дека во минатото, токму Нефи Усеини, беше симбол на неказнивоста на функционерите на ДУИ.
,,Нефи беше ослободен за нападот на советникот. Нефи Усеини беше ослободен од кривично гонење кога неговата фирма, директно, го загадуваше Охридското езеро. А како симбол на владеењето на овој градоначалник во сенка, остана познатата дивоградба, Пицерија во Чинарот. За жал, и тука се постави дека без разлика кој е на власт, повторно локалните функционери на ДУИ, никој не може да ги допре”, додава Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

