Македонија
Муареми по отфрлањето на кривичната: Предметот беше за дискредитација, им беше во прилог на криминални структури
Ексдиректорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, затворањето на предметот против него го смета за правда која ја очекувал. Тој за „Макфакс“ вели: „Правдата можеби е спора, но секогаш е достижна“. Го повтори тврдењето дека работел законски, а претресот во неговата канцеларија бил без основ.
„Законитоста во моето работење на крајот се докажа. Поинаков епилог, освен отфрлање на тие кривични пријави не очекував, ниту пак можеше да има. Извршениот претрес во Управата за финансиска полиција и целиот тој предмет против мене беше покренат без ниту еден основ и само со една единствена цел- моја дискредитација и рушење на мојот углед, што во тој момент им одеше во прилог само на одредени криминални структури за кои што тековно се водеа постапки во Управата“, вели Муареми за „Макфакс“.
Претходно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја отфрли кривичната пријава против Муареми. Оттаму тврдат дека ги разгледале доказите и утврдиле дека не сторил кривично дело.
„Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврди дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект. Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сѐ уште не е завршена“, кажаа од Обвинителството.
Муареми се повлече од функцијата, а Владата го разреши кога против него беше отворен предмет. Русковска пак, доби дисциплинска постапка поради сомневање дека сторила незаконитости при претресот. Освен против неа, постапки беа поведени и против две други обвинителки – заменичката и обвинителката која постапувала во предметот и го потпишала барањето за претрес. Дисциплинската комисија бараше Русковска да биде раазрешена, а казна доби уште една обвинителка, додека за потписникот беше посочено дека нема вина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 63 загинати и над 200 повредени е настан што ја одбележа 2025 година
2025 година ќе остане запаметена по тешката трагедија што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која ја потресе целата земја. Во раните утрински часови, за време на настап на македонската група ДНК, пиротехнички средства што беа употребени на сцената го запалија таванот на клубот исполнет со млади луѓе.
Пожарот бргу се прошири и предизвика густ чад, паника и обид за бегство низ тесниот единствен излез. Во трагедијата загинаа 63 лица, претежно млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави најсмртоносната цивилна катастрофа во историјата на земјата од овој тип.
Истрагата подоцна покажа дека дискотеката работела без соодветни дозволи и противпожарни стандарди. Според обвинението, овие пропусти и системски недостатоци имале влијание врз исходот од настанот.
Трагедијата предизвика национално тажење, протести и подигнување на јавна дебата за безбедноста на јавни простори и институционалната одговорност. Подоцна, повеќе лица, меѓу кои ексфункционери и државни службеници, беа обвинети за злоупотреби поврзани со работата на клубот. Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот не призна вина. Судскиот процес за пожарот е во тек.
Македонија
СДСМ тврди: Има координирана операција за уривање на партијата од внатре
Криминалната власт ја започна последната фаза од кампањата – репресија врз СДСМ и политички прогон, велат од опозициската партија.
„По Декретот и забраната на слободата на говорот, сега сакаат да апсат. Се обидуваат да ја запрат борбата на СДСМ против криминалот и корупцијата на ВМРО и ЗНАМ, да ја замолчат опозицијата. Прва фаза, обвини ја СДСМ и нападни ја од надвор со лажни вести и од внатре. Втора фаза, забрана на говор. Трета фаза: репресија и политички прогон. Copy-paste сценарио по рецепт на СНС“, велат од СДСМ.
Според партијата, целта е јасна – заштита на криминалците во власта од кривична одговорност за скандалите со тендери кои секојдневно ги објавува СДСМ.
„Како што беа 161 тендер за една фирма вредни 5,3 милиони евра, 9 милиони евра за друга фира со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендери од Пошта и многу други. Затоа: Власта ги заби канџите и презеде целосна контрола врз судството и обвинителството. Се води акција за медиумски напад врз СДСМ, постојано и секојдневно се бомбардира јавноста со лажни вести од кујните на ВМРО. Има координирана операција за уривање на СДСМ од внатре, преку поединци како Деспотовски и синхронизирани текстови на Героски за јавно напаѓање на партијата. И затоа се исплаќаат рати кон ЗНАМ за предавничка Резолуција преку тендери. Сега на сите им е јасно. Политичкиот прогон, репресијата и нарачаните судски пресуди се последни подготовки пред изборите наредната година и носењето мигранти. СДСМ нема запре, борбата против криминалот и корупцијата на ВМРО-ЗНАМ продолжува. Сите ќе одговарате. Работата не е завршена“, се наведува во соопштението.
Македонија
Најстудено на Шапка, утрово измерени -14 степени
Утрово најстудено е на Попова Шапка каде се измерени -14 степени, -12 во Mаврови Анови, -10 Крива Паланка, Берово, Kрушево, -6 Виница, Куманово, -5 Скопје-Петровец, Тетово, Прилеп, -4 Скопје-Зајчев Рид, Битола, Штип, Охрид, -3 Струмица, Велес, Кавадарци, Претор, -2 Демир Капија, 0 Гевгелија.
Денеска ќ биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Наместа ќе има услови за провејување на снег. Ќе дува засилен до силен северен ветер.
Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6 степени.
Во Скопје, сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
фото/депозитфотос

