Македонија
Казни за лекарите што пуштале прегласна музика во поликлиниката во Драчево, најави директорот на Здравствениот дом
Новиот директор на Здравствениот дом – Скопје, Вулнет Селими, најави санкции поради пуштање прегласна музика во поликлиниката во Драчево.
„По објавувањето видеоснимка од внатрешноста на поликлиниката во Драчево, на која се слушаа песни на исклучително висок тон, што е надвор од секоја етика и прописи, пред неколку часа ја посетив оваа поликлиника. Одговорниот лекар ми потврди дека таа сцена се случила минатиот четврток оправдувајќи ја по повод пензионирањето на вработен во поликлиниката“, напиша Селими на „Фејсбук“, а што и според него е над нормалното.
Како што вели тој, за овој пропуст ќе бидат преземени дисциплински мерки и против управителот на поликлиниката и против дежурниот лекар одговорен на денот кога се случило тоа.
„Ваквите сцени не може да се толерираат во амбиенти каде што луѓето одат да ја добиваат потребната медицинска помош“, порачува директорот на Здравствениот дом – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.