Македонија
(Видео) Музичарите и угостителите поставија „ноќен клуб“ пред Владата, бараат нови протоколи за работа
Со импровизиран ноќен клуб пред Владата, а со мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“, музичарите, угостителите, диџеите и други засегнати од оваа индустрија излегоа на протест и побараа средба со претставници од извршната власт за да им ги презентираат своите барања.
Тие порачаа дека се револтирани од новите протоколи, со кои се забранува гостување на диџеи и пејачи во угостителските објекти, при што може да седат само четворица луѓе на една маса и се ограничува музиката во рестораните и кафулињата на 55 децибели.
Претставникот на сопствениците на ноќните клубови, Горан Арсовски, рече дека треба да се изработат нови протоколи за нивниот сектор, кој е сериозно погоден поради корона-кризата и му се заканува финансиски колапс.
„Бараме состанок со надлежните за да предложиме мерки со кои нема да има опасност од ширење на коронавирусот, а со што ние ќе можеме да работиме и опстојуваме. Во првиот сет мерки бевме опфатени, но тоа беше само за платите на вработените. Но, бизнис што не работи не може да има вработени. Како ќе ги задржиме на работа кога немаме приходи, дојдени сме до финансиски колапс. Затоа ние имаме предлог со протоколи, кои може да ги спроведат клубовите, а тоа се мерење температура на влез, електронско продавање билети, поставување сигурни вентилации, дистанца на маси и задолжителна дезинфекција“, рече Арсовски.
Од музчката фела најавија дека ќе има нов помасовен протест доколку нивните барања не бидат прифатени.
„Бараме специјални протоколи за одржување свадби и музички настани. Ако не нè прими премиерот Заев во рок од два дена, на 11 октомври ќе имаме уште еден протест. Тогаш ќе има и од сите градови од Македонија. Ќе излеземе со сите наши музички инструменти и ќе кренеме врева и глас. Мора да се избориме за ова и ние имаме деца за хранење“, изјави Даниел Сидовски, претставник на музичарите и свадбените работници.
Соодветни протокли од денешниот протест побараа и рестораните што организираат свадбени веселби. Тие порачаа дека не бараат печалба среде кризата, туку основна егизистенција. Како што истакнаа организаторите на протестот, од пандемијата на коронавирсот загрозени се над 20.000 работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

