Македонија
Муртезани во ЕП: Нашиот долг евроинтегративен пат, често надвор од Копенхашките критериуми, не ја поколеба нашата визија за полноправно членство
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур. Состанокот, на кој копретседаваа пратеници од Европскиот парламент и од Собранието на Република Северна Македонија, беше посветен на односите меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со акцент на фундаменталните права и слободата на изразување, владеењето на правото и борбата против корупцијата, напредокот во пристапните преговори, добрососедските односи и регионалната стабилност, како и на прашањата од областа на животната средина, транспортот, енергетиката, инфраструктурната поврзаност, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Во своето обраќање, Муртезани се осврна на клучните приоритети на државата во европскиот процес, нагласувајќи ја посветеноста кон реформите во рамките на Планот за раст и Реформската агенда. Тој истакна дека земјата продолжува со имплементација на суштинските реформски чекори, како и со подготовката на значајни инвестиции што ќе ја зацврстат економската и институционалната усогласеност со Европската Унија. Муртезани се осврна и на оценките од Годишниот извештај на Европската комисија за 2025 година, посочувајќи дека извештајот го потврдува континуираниот напредок на Северна Македонија и дека препораките на Комисијата веќе се вградени во националното планирање.
„За Северна Македонија, чиј пат беше долг и честопати исполнет со предизвици надвор од Копенхашките критериуми, европскиот пат и полноправното членство остануваат прашање на цврста убеденост, а не на погодност. Секоја реформа што ја спроведуваме ја зацврстува нашата верба дека Европа е најсилна кога го исполнува своето ветување и дека Унијата е целосна кога оние што најдолго чекале конечно ќе бидат примени како полноправни членки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР ги објави казните за „Безбеден град“: што ќе се санкционира и колку ќе плаќаат возачите кои ќе направат прекршок
Во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот и доследна примена на законите, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните за прекршоците што се санкционираат преку системот „Безбеден град“ и предвидените глоби.
🏙️ Пречекорување на брзина во населено место
(дозволена брзина до 50 km/h, по исклучок до 70 km/h со знак)
• до 10 km/h над дозволеното – 15 €
• од 10 до 30 km/h – 50 €
• од 30 до 50 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
🛣️ Пречекорување на брзина надвор од населено место
(130 km/h автопат • 110 km/h пат за моторни возила • 90 km/h други патишта)
• до 30 km/h над дозволеното – 20 €
• од 30 до 50 km/h – 50 €
• од 50 до 70 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
🚦 Поминување на црвено светло
• 250 € глоба
• забрана за управување 3–12 месеци
🅿️ Непрописно запирање и паркирање
(пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки и други критични локации)
• глоби од 25 €, 40 €, 150 € и 180 €
(во зависност од видот и тежината на прекршокот)
🚗 Учество во сообраќај со нерегистрирано возило
(без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици)
• 500 € глоба
• ако истекот на сообраќајната дозвола е до 30 дена – 100 €
⏳ Намалување на санкциите
• Плаќање во рок од 8 дена → се плаќа 50% од глобата
• Ако има и забрана за управување → се изрекува во половина од пропишаниот рок
⚠️ МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, за поголема лична и општа безбедност и намалување на сообраќајните незгоди.
Македонија
Николоски предлага три решенија за проблемот со шенгенските правила за превозниците
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска на граничниот премин Блаце им даде поддршка на домашните транспортери, кои од денеска започнуваат седумдневен предупредувачки протест заедно со превозници од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Протестот се организира како израз на револт против новите правила за електронска евиденција при престој и транзит во Шенген зона.
Николоски истакна дека протестот има предупредувачки карактер и има за цел навремено да се укаже на последиците што би настанале по 10 април, доколку не се најде решение. Според него, земјите од Шенген зоната треба да ги искористат месеците февруари и март за изнаоѓање соодветно решение за проблемот со кој се соочуваат превозниците.
Тој наведе дека постојат три можни решенија: одложување на примената на електронскиот систем за превозниците, зголемување на дозволениот број денови за престој во Шенген зоната од 180 на 250 дена или нивно третирање како професионалци, а не како туристи, со можност за работни визи или исклучување од постојните правила, по примерот на Швајцарија.
Николоски предупреди дека доколку не се изнајде решение, може да има сериозни последици врз македонската, регионалната, но и европската економија, имајќи ја предвид зависноста на регионот од трговијата и транзитот со земјите од Европската Унија.
Тој најави дека веќе остварил разговор со министерот за транспорт на Грција, а во среда ќе отпатува во Загреб на средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Хрватска, со цел координација и зголемување на притисокот за изнаоѓање решение.
Македонија
Презентирани приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на ЕУ во Собранието
Денес во Собранието, се одржа заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања. На седницата присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на Република Кипар, Андреас Фотиу; министерот за европски прашања, Беким Сали; пратеници, претставници на медиумите, како и членови на граѓанскиот сектор и граѓански организации.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, и претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, ги поздравија присутните и му дадоа збор на кипарскиот амбасадор, кој одржа презентација за Програмата и приоритетите на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јануари – јуни 2026 година.
Во своето обраќање, амбасадорот го претстави мотото „Автономна Европа, отворена кон светот“, истакнувајќи ги приоритетите за зајакнување на безбедноста и одбранбената подготвеност, унапредување на конкурентноста, отвореност кон светот, промоција на европските вредности и обезбедување долгорочна стабилност на Европската Унија.
Тој нагласи дека Северна Македонија е важен дел од процесот на проширување на Европската Унија, ги поздрави спроведените реформи во државата и ги охрабри континуираните напори за натамошно унапредување на европската интеграција.

