Македонија
Муцунски – Гутереш: Нагласена значајната улога на ОН во справувањето со комплексните глобални предизвици
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
На средбата министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на ОН во справувањето со комплексните глобални предизвици, вклучувајќи ги вооружените конфликти, кршењето на човековите права, тероризмот, насилниот екстремизам, влијанието на новите технологии и климатските промени.
Во однос на Агендата 2030 и одржливите развојни цели, соговорниците се согласија дека Пактот за иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и поефикасно справување со актуелните и идните предизвици. Министерот Муцунски нагласи дека овој документ создава рамка за конкретни глобални акции и отвора пат за зајакнување на мултилатерализмот, при што Република Северна Македонија е подготвена да даде активен придонес во овие напори.
Како нова членка на Советот за човекови права на ОН, министерот Муцунски ја реафирмираше посветеноста на Република Северна Македонија за промовирање на мултилатерални решенија засновани на принципите на Повелбата на ОН, владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Реформата на јавната администрација е клучен приоритет за европската интеграција на Македонија
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на настанот посветен на презентацијата на Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, нагласувајќи ја важноста на реформите во јавната администрација како еден од клучните приоритети во пристапниот процес кон Европската Унија.
„Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите“ – истакна министерот Минчев.
Тој додаде дека Извештајот на СИГМА претставува значајна алатка за оценка на досегашните резултати и идентификација на областите во кои е потребно унапредување. Министерството активно работи на имплементација на мерките од Стратегијата за реформа на јавната администрација, со посебен фокус на департизација, професионализација и воспоставување кохерентен систем на плати.
„Граѓаните мора да имаат доверба во институциите и да чувствуваат дека тие работат во нивен интерес. Затоа, реформите мора да бидат инклузивни, а процесот на креирање политики транспарентен.
Подготвивме нови законски решенија – Закон за административни службеници, Закон за вработени во јавниот сектор и Закон за стручно усовршување – кои наскоро ќе бидат предложени на Владата и Собранието“ – посочи министерот.
Дополнително, Минчев го најави и новиот Закон за инспекциски надзор, кој ќе воведе структурни промени за подобра координација на инспекциските служби и намалување на административните трошоци.
Во контекст на европските интеграции, истакна дека критиките од Европската комисија за политичката поддршка и координацијата на реформите ќе бидат земени предвид за унапредување на процесот.
„Благодарни сме на СИГМА за нивната континуирана поддршка. Ова партнерство е клучно за градење капацитети и приближување кон европските стандарди“ – заклучи министерот, изразувајќи уверување дека со заеднички напори ќе се постигнат поставените цели за модерна и ефикасна јавна администрација.
Македонија
Јакимовски: Трн во око им се маркетите, Владата воопшто не зборува за нивните миленичиња
Владата воопшто не зборува за нивните миленичиња, реагира на социјалните мрежи лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, осврнувајќи се на бојкотот на маркетите.
„Што ви реков?
Владата воопшто не зборува за нивните миленичиња. Трн во око им се маркетите. Седум големи маркети прават вкупен промет од 900 милиони евра, и сите заедно имаат добивка од 32 милиони евра. Тоа е некаде околу 3,5% добивка, профит од целокупниот промет.
Комерцијална банка, Тутунска банка и Стопанска банка имаат вкупен промет од 380 милиони евра, а добивка 191 милион евра. Изразено во релативни бројки (проценти) тоа е над 50% добивка, профит од вкупниот промет.
Внимавајте! Овде зборуваме само за три банки. Сите заедно прават над 230 милиони евра заработка за изминатата 2024 година.
Баба лаже, трап не лаже!
Прашања до премиерот:
Маркетите дали користат кредити од банките?
Плаќаат ли провизии и други банкарски услуги? Транспортерите, производителите, итн… граѓаните земаат ли кредити?
Плаќаат ли провизии, услуги за обработка на кредити, услуги за опомени и уште што ти не? “, прашува во напишаното Јакимовски.
На надлежните им порачува да се зафатат со причините.
„Ве молам зафатете се да решавате вистински проблеми и удрете по причините, а не по последиците. Цените во маркетите се последица, а не причина за растот на цените“, пишува Јакимовски.
Македонија
Момчето на Фросина: Биди ми спокојна горе помеѓу ангелите, не ни дозволија заедно да остариме
Момчето на Фросина Кулакова, која смртно беше прегазена на пешачки премин на „Партизанска“, со потресна објава се огласи на социјалните мрежи.
Петар Ристов упати порака дека ќе се бори до последен здив правдата да биде задоволена.
„Ангелче мое, заедно растевме и му се радувавме на животот, но не ни дозволија заедно и да остариме. Нашите планови ги срушија за миг. Ти беше личност полна со љубов и разбирање за секој и секогаш борбена до крај сѐ додека не си ја постигнеше зацртаната цел. Биди ми спокојна горе помеѓу ангелите, а ние овде ќе се бориме до последен здив ПРАВДАТА за тебе да биде задоволена и монструмот што те покоси и нѐ зацрни да си ја добие заслужената казна. Знам дека баш ти ни ја даваш оваа сила од горе за да станеме и да се бориме против сите што придонесоа тебе да те снема на ваков суров начин. Знај дека беше и вечно ќе останеш најсакана, АНГЕЛУ мој“, напиша тој во објава на својот инстаграм-профил.
View this post on Instagram
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло. Настанот предизвика револт во јавноста, особено по сознанијата дека сторителот и претходно бил во судир со законот.
Во петокот Кривичен му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на осомничениот поради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 т. 1, 2 и 3, односно опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото. Кривичен се огласи и во однос на претходните судски постапки што биле водени против осомничениот, при што напомена дека Јованов на 31.7.2024 година бил првостепено осуден, со пресуда К.бр. 1439/24 по кој постапувала судијата Даниела Алексовска-Стојановска и тоа за две кривични дела – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции и прекурсори од чл. 215 ст. 1 и чл. 215 ст. 1 вв со чл. 22 од КЗ, со која пресуда, поради неговата возраст, со неполни 20 години, а во согласност со одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка.