Македонија
Муцунски: Како да се задржи надежта, кога чувствувате дека самите принципи на ЕУ – солидарност, правда и единство се применуваат нерамноправно
Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествува на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур.
Во годината кога Советот на Европа одбележува 75 години од своето основање, Муцунски, на покана на претседателот на Парламентарното собрание, Теодорос Русопулос, се обрати пред парламентарните делегации на земјите членки на Организацијата. Обраќањето беше проследено со размена на прашања и одговори со пратениците. Во своето излагање, Муцунски се осврна на актуелните кризи и предизвици со кои се соочува европскиот континент, како што се руската воена агресија врз Украина, последиците од пандемијата, економската криза, демократското назадување, растот на екстремизмот и дезинформациите, трговијата со мигранти, како и влијанието на климатските промени и новите технологии. Притоа, тој ја истакна важноста на оваа организација и нејзините правни инструменти и мониторинг механизми за надминување на овие предизвици, со посебен акцент на нивното влијание врз човековите права, демократијата и владеењето на правото. Во овој контекст, ја нагласи улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и важноста на зајакнување на системот на Европската конвенција за човекови права, особено имплементацијата на неговите пресуди од страна на земјите членки.
„Следната година ќе одбележиме 30 години членство во Советот на Европа и 20 години откако Европскиот совет донесе одлука за доделување кандидатски статус на нашата земја за членство во ЕУ. Овој период беше време на несомнена трансформација, во кој соработката со Советот на Европа одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси и исполнувањето на европските стандарди во клучните области. И покрај сите предизвици на патот кон членството во ЕУ, комплетирањето на проектот за европско интегрирање за нас е неминовно, а брзината на овој процес во голема мера зависи од предвидливоста и кредибилноста на ЕУ пристапниот процес“, нагласи министерот Муцунски во своето обраќање.
Говорејќи за процесот на евроинтеграција на земјата, Муцунски посочи дека тој сè уште е попречен од пречки кои изгледаат сè повеќе неправедни, додавајќи дека овој процес не само што ја тестира „отпорноста на институциите“, туку и „трпеливоста на народот“.
„Замислете го разочарувањето на една нација која направила сè што е побарано од неа, само за да ѝ се каже дека целта е сè уште недостижна. Како да се задржи надежта кога чувствувате дека самите принципи на Европската Унија – солидарност, правда и единство – се применуваат нерамноправно?“, истакна министерот во своето обраќање.
Тој додаде дека, и покрај долгиот процес на интеграција, владата останува посветена на темелните реформи и принципите врз кои се заснова членството во Унијата.
„Нема да дозволиме овие неправди да поттикнат евроскептицизам или да создадат наративи за жртвување. Наместо тоа, ќе продолжиме да се бориме за нашето заслужено место во Европа, водени од вербата дека правдата на крајот ќе победи. Патот можеби е долг, но ние остануваме посветени на вредностите што ги претставува Европа и ќе продолжиме да се залагаме за процес кој е праведен, транспарентен и заснован на меѓусебна почит“, заклучи министерот Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

