Македонија
Муцунски – Кос: реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда

Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.
Соговорниците ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија – што го потврдуваат и наодите од последниот „Евробарометар“.
На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Муцунски нагласи дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што неодамна се одржа во Скопје.
Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на државата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во Унијата.
На средбата се дискутираше и за актуелните регионални и глобални случувања, при што беше потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заев: Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија“

„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која и ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, реагира поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев.
„Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни “куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија” како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици.
А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери. Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“, додава Заев.
Македонија
„Филипче и СДС, по теркот на нивниот гуру Заев, се спремни за ново предавство за спас на кариерите“, велат од ВМР0-ДПМНЕ

„Филипче и СДС, по теркот на нивниот гуру Заев, се спремни за ново предавство за спас на кариерите. Заев со Бугарија, освен фирмите и бизнисите, го спојува и црвената жица, онаа македонската која ја продаде за куферчиња полни пари, а сега Филипче сака истото да го направи. Се е исто и прочитано“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче за спас на неговата кариера и спас на неговиот гуру е спремен да го продаде и она малку достоинство и интегритет што ни го оставија, за да ги спаси бизнисите во Бугарија.
Црвените линии на Филипче се подарок за Бугарија, односно бонбона бизнис од СДС за Бугарите.
ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Наш интерес е македонскиот народ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Водовод“: Поради прекини на струја дојде до два дефекти истовремено на главната водоводна линија

ЈП Водовод и канализација – Скопје известува дека поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем.
Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се 2 дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите.
„Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата рескција на нашите екипи водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот. Екипите на ЈП Водовод и канализација веднаш излегоа на терен и работат интензивно на санација на дефектите, со цел во најкраток можен рок да се обезбеди целосна нормализација на водоснабдувањето“, се наведува во соопштението на ЈП Водовод и канализација – Скопје.