Македонија
Муцунски: Наша цел е државата да биде кредибилна земја членка на НАТО, посветена на евроинтеграцијата
Говорејќи за активностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Муцунски на денешната трибина „100% за тебе“ насловена „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигиталната трансформација“, истакна дека во првите 100 дена фокусот во ресорот со кој тој раководи бил ставен на поставување на темелите на тоа што треба да се работи во делот на меѓународната политика, но и многу поважно на градење на стратешкиот пристап за понатамошното димензионирање на меѓународната политика. Притоа тој нагласи дека во првите сто дена приоритетот бил ставен на надворешна политика заснована на одржливи и долгорочни приоритети, а воедно ги напомена и активностите насочени кон интеграција во Европската Унија, како и целосната усогласеност на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, поддршката на Украина и важноста почитувањето на меѓународното право во таа насока.
Муцунски говореше и на активностите во делот на мултилатералното работење, а како посебно достигнување на успешната меѓународната политика го нагласи прифаќањето на кандидатурата на Република Северна Македонија за член во Советот на човекови права на ОН и кандидатура за членство во Организацијата за забрана на хемиско оружје. Во оваа насока тој додаде дека и во иднина ќе се работи на зголемена и активна улога во меѓународните организации и одлични билатерални односи со сите меѓународни партнери и не само политички, туку и економски релации кои помеѓу другото ќе бидат во насока на заштита на деловниот интерес на домашните компании во странство.
„Наша цел е Република Северна Македонија да биде кредибилна земја членка на НАТО, силен партнер во сите меѓународните организации, посветена на евроинтеграцијата во Европската Унија“, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија во своето обраќање.
Муцунски се осврна и на новите надлежности на МНРНТ во делот на надворешната трговија и во таа насока тој информираше дека во финална фаза е изработката на нацрт верзија на Законот за надворешни работи, кој има цел во министерството со кое тој раководи да ги интегрира сите формални надлежности поврзани со надворешната трговија, со што ќе ги направи дипломатско – конзуларни претставништва поангажирани во делот на привлекување на странски инвестиции, што пак ќе резултира со отворање на нови работни места. Муцунски информираше и за процесот на спојување на Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски и развојни зони, а Министерството ќе остане да биде креатор на политиките во делот на надворешната трговија и странски инвестиции.
Тој се осврна и на активностите во делот на привлекување странски инвестиции во чии рамки во изминатиот период се остварени средби со приватни компании и стопански комари, каде дел од приватните компании веќе пројавиле интерес за инвестирање во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

