Македонија
Муцунски на средба со нерезидентни амбасадори: Продлабочување на билатералните односи и унапредување на економската соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, вчера оствари средба со група нерезидентни амбасадори, акредитирани за нашата земја, со седиште во Софија.
На состанокот присуствуваа амбасадорите на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Куба и Пакистан.
На средбата, Муцунски ја истакна важноста од продлабочување на билатералните врски со овие земји, а беше разгледана и можноста од нивно резидентно дипломатско присуство, што би овозможило подиректна и поефикасна комуникација.
Истовремено, тој го нагласи огромниот потенцијал за унапредување на економската соработка со земјите претставени на состанокот. Фокусот на разговорите беше на потенцијалот за зголемување на трговската размена, директните инвестиции и економски партнерства во различни сектори.
Во тој контекст, акцентот беше ставен на енергетиката, инфраструктурата, прехранбената индустрија, информатичката технологија и автомобилската индустрија. При тоа, стана збор и за интензивирање на соработката во областите на културата, науката, образованието и туризмот.
Дополнително, беше истакната заемната заложба за поблиска соработка на меѓународните форуми, особено при справување со заеднички глобални случувања и предизвици.
Средбата беше одлична можност за потврдување на важноста од градење на партнерства и постави солидна основа за продлабочена соработка меѓу нашата држава и земјите присутни на состанокот преку нивните амбасадори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граделе во заштитена зона на Шара – кривична за двајца мажи
Двајца мажи се соочуваат со кривична пријава откако, според полицијата, нелегално граделе во зона на Националниот парк „Шар Планина“.
Станува збор за Ф.Ш. (65) од Тетово и И.А. (45) од селото Бродец, кои во текот на 2025 година, во атарот на селото Гајре, изградиле шест бетонски столбови без да обезбедат дозвола за градба од Општина Тетово.
Кривичната е поднесена кривична пријава за „бесправно градење“.
Македонија
Кривична пријава за директор на студентски дом поради несовесно работење
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.Ј. (57) од селото Таринци, општина Карбинци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, на 29 и 31 мај 2024 година, Н.Ј., во својство на директор на Државен студентски дом „Браќа Миладиновци” во Штип, постапил спротивно на член 40 од Законот за јавни набавки.
Тој извршил плаќање на фактури во вкупен износ од 84.320 денари за сместување, односно ноќевање за себе и за ученици од студентскиот дом во два хотели во Охрид, без да спроведе соодветна постапка за јавна набавка, соопшти полицијата.
Македонија
Кривична за поранешен градоначалник на Чашка поради сомнеж за злоупотреба
Полицијата поднесе кривична пријава против Г.С. (47) од Велес, поранешен градоначалник на Општина Чашка, и против М.А., раководител на финансиското одделение во истата општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пријавата, Г.С. во текот на 2021 и 2022 година, во повеќе наврати, свесно и со умисла ја ангажирал второпријавената да извршува работни задачи подолго од нејзиното работно време, иако таа била вработена со скратено работно време, што е спротивно на Законот за работни односи, кој забранува прекувремена работа за лица со скратено работно време.
Од СВР Велес информираат дека М.А., и покрај известувањето од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија и донесеното решение за четиричасовно работно време поради здравствени причини, прифатила да биде дополнително ангажирана.
За извршените активности ѝ биле исплатени 50.109 денари, со што, според пријавата, е нанесена штета на буџетот на Општина Чашка.

