Македонија
(Видео) Му се слоши на бате Геле по пресудата за Груевски

На бате Геле, поддржувачот на експремиерот Никола Груевски, му се слоши откако ја слушна пресудата за поранешниот премиер. Тој прво со солзи во очите ја проследи пресудата, како и дел од насобраните луѓе. Демонстрантите повикаа брза помош за да интервенира и да му помогне на бате Геле.
Брзата помош пристигна и го зема бате Геле.
Демонстранти се собраа пред Кривичен суд за да ја проследат пресудата за експремиерот Никола Груевски. Откако судот му изрече 2 години затворска казна на Груевски, толпата се разгневи и почна да извикува пцовки и клетви против судиите. Тие се обидоа и да ја превртат заштитната ограда, но беа спречени од кордонот полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: ДУИ е приватна партија на тазе богаташи

ДУИ ја губи поддршката меѓу граѓаните. Од избори на избори, ДУИ бележи континуирано намалување на бројот на пратеници и градоначалници. Граѓаните на секои избори сѐ појасно ја испраќаат пораката дека не сакаат повеќе да бидат управувани од корумпирана и истрошена структура. Наместо доверба, ДУИ се соочува со масовно разочарување и гнев кај своето гласачко тело, реагираат од ВЛЕН на обвинувањата од ДУИ.
„ДУИ е скоро без кандидати во албанските средини. На овие локални избори, ДУИ нема свои кандидати во најголем дел од општините каде што Албанците се во огромно мнозинство – Гостивар, Струга, Сарај, Дебар, Врапчиште и многу други. Тие целосно се повлекоа од местата што се симбол на албанското политичко организирање. Таму каде што сѐ уште имаат кандидати, и самите знаат дека ќе изгубат. Ова е најјасниот доказ за длабоката политичка криза во која западна оваа партија.
Се намалуваат и коалициските партнери. ДУИ некогаш се претставуваше како фактор на обединување. Денес е напуштена од речиси сите сериозни коалициски партнери. Секојдневно политички партии и поединци ја напуштаат нивната коалиција, разобличувајќи ги погрешните политики и коруптивните практики на раководството на Али Ахмети. Со ДУИ останаа Данела Арсовска, Левица и неколку поткупени албански политичари“, велат од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ е претворена во приватен бизнис и повеќе не е политичка партија, туку приватен бизнис на мал број луѓе од врвот на раководството.
„Тие изградија сопственички империи во енергетскиот сектор, трговијата, нафтениот бизнис, градежништвото и недвижностите. Политичките позиции се користеа за лично збогатување, додека граѓаните остануваа без решенија за своите проблеми. Со оваа партија останаа само оние што се уценети или потплатени. Народот веќе подолго време ја казнува ДУИ. Изборите се најверодостоен репер за политичката сила. На претстојните локални избори ДУИ нема да освои ниту една значајна општина. Нивната линија на политички пад трае со години и тоа е неповратен процес. Граѓаните, и особено Албанците, конечно ја препознаа вистината: дека ДУИ не е алатка за развој и еднаквост, туку пречка и товар за нивниот напредок“, се наведува во реакцијата.
Македонија
Од утре, прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје известува дека на 19.08.2025 година (вторник), ќе почне реализацијата на терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми и против ларви од комарци.
Терестричната дезинсекција против возрасни форми на комарци ќе се врши од 19.08.2025 година (вторник) до 22.08.2025 година (петок), од 22 до 03 часот наредниот ден, а против ларви од комарци ќе се изврши во текот на еден од горенаведените денови.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни.
Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
„Карпошово културно лето“ од 18 до 29 август

Од 18 до 29 август, во Општина Карпош ќе се одржи манифестацијата „Карпошово културно лето“, која ќе понуди богата и разновидна програма со учество на домашни уметници од различни области.
Со оваа манифестација ќе се прикаже креативната енергија и културниот потенцијал на уметниците кои живеат и творат во Општина Карпош, како и најголемите музички имиња и уметници во Македонија.
Настаните ќе се случуваат на повеќе локации: кај Млечен ресторан, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, на тревникот кај кулите во Козле и на Летната сцена кај карпа на кеј.
Манифестацијата ќе биде отворена вечерва во 20:00 часот на платото кај Млечен ресторан, со голем концерт на легендите на македонската забавна музика.
Настапуваат реномирани и млади изведувачи – од легендите Зорица Поп Панкова, Драган Мијалковски, Сашо Гигов Гиш, Џон Илија Апелгрен, Тања Тас, до младата ѕвезда Ана Петановска, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара под водство на маестро Дамер Имери.
Фолк легендите со концерт во Бардовци
На 28 август, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, концерт ќе одржат фолк легендите на народната музика – Наум Петревски, Ефто Пупиновски, Зуица Лазова, Ленче Кукиќ, Благоја Груевски, Смиља Митревска и други, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара под водство на маестро Дамер Имери.
Инструментални вечери
Во рамките на манифестацијата, свои самостојни концерти на платото кај Млечен ресторан ќе имаат мултиинструменталистот Александар Јовевски, претставувајќи го својот нов албум „Од колено на колено“.
Свој концерт ќе има и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски со неговиот оркестар.
Ексклузивно на Карпошово културно лето, по одржани 40 концерти низ целиот свет, концерт на изворни песни и ора ќе одржи Ансамблот на Стевче Стојчевски, насловен „МакЕдинство“.
Танц, фолклор и хорско пеење
Предвидени се две танцувачки вечери на платото кај Млечен ресторан, со настапи на клубовите „Денсерс Јунајтед“ и „Еурека“, чиј членови се светски и европски прваци во латино танци, хип-хоп и модерни танци.
Своја вечер ќе има и популарното академско уметничко друштво АКУД „Мирче Ацев“, со настап на академскиот хор и играорната група.
Овој настан ќе биде како мала најава за нивниот голем Фолклорен фестивал на солидарноста, кој ќе се одржува во наредните денови во Скопје.
Поезија, музика и филм
Поетско-музичката вечер со наслов „Волкот на љубовта“ ги обединува поетот Тихомир Јанчовски и музичарот Бранислав Николов (Фолтин), со гостување на Андријана Јаневска. Настанот ќе се одржи на Летната сцена кај карпата на Кеј.
Во рамки на програмата, на 19 август ќе биде отворена и ликовната изложба „Капка уметност“ на Елена Галика, на платото кај Млечен ресторан.
„Летното кино“ под отворено небо ќе го прикаже македонскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, на тревникот кај кулите во Козле, до ООУ Владо Тасевски.