Македонија
Мaж од Кавадарци фрлил отровна салама на улица за да труе животни, пред Обвинителството рекол дека се кае
Обвинителството од Кавадарци поднесе предлог за издавање казнен налог против 32-годишен жител на селото Глишиќ, обвинет за кривични дела предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1, како и мачење животни според член 233 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 9 ноември исекол неколку парчиња салама, ги напрскал со токсичен препарат наменет за прскање и заштита на винова лоза, ги ставил во кеси како мамка и ги оставил пред незаградениот двор на семејната куќа.
„Иако бил свесен дека во куќата живеат четири семејства и постојано има голема фреквенција на луѓе, како и дека поради таквото негово дејство може да настапи штетна последица, тој сепак лекомислено сметал дека штетната последица може да ја спречи или дека таа нема да настапи, па на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето“, велат од Обвинителството.
Мамките со отров ги развлекло и ги јадело куче без сопственик, кое се отруло и починало.
Имајќи ги предвид сите околности, вклучително претходната неосудуваност на обвинетиот и фактот што тој веќе го признал делото пред јавниот обвинител и изразил каење, до Основниот суд во Кавадарци доставен е предлог да изрече алтернативна мерка – условна осуда со утврдена затворска казна, која нема да се изврши доколку обвинетиот во дадениот временски рок не стори ново кривично дело, како и парична казна од 30 дневни глоби, со поединечна вредност на дневната глоба од 10 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.