Македонија
23-годишник од Мала Речица е вториот осомничен за знамињата на Попова Шапка, полицијата ги објави деталите
Полицијата изврши разговор со 23-годишниот Б. Л. од тетовска Мала Речица, кој е второто лице осомничено за симнување на знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од јарболот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка.
На негово место, тој и уште едно лице од Тетовско, го поставиле знамето на Република Албанија.
По документирање на случајот, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава, објави МВР.
Вчера, МВР за инцидентот го идентификува и го приведе 33-годишниот Ј. А. од Мала Речица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Давкова официјално ќе го применува уставното име, а во јавните настапи има право да каже Македонија како чин на самоопределување, велат од нејзиниот кабинет
Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела, велат од Кабинетот на претседателката, Гордана Силјановска-Давкова.
Од тука наведуваат дека Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Во согласност со Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име.
Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата.
Македонија
Во важечкиот Изборен законик стои Македонија во делот на свечената изјава – Каракамишева вели дека Силјановска го кажала она што било напишано
Во важечкиот Изборен законик, со прочистен текст во март оваа година, во делот на свечената изјава стои Македонија, а не Северна Македонија.
Професорката по уставно право и политички систем, Тања Каракамишева, на социјалните мрежи го објави делот од Изборниот законик со коментар дека новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова го кажала името на државата во свечената изјава, онака како што стои во текстот.
„Член 123 од важечкиот Изборен законик го содржи текстот на свечената изјава што претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, требаше да го каже во својата заклетва и го кажа“, пишува Каракамишева.
Во членот 123 стои: „Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија“.
Вчера, претседателот на Собранието, Јован Митрески, во читањето на текстот на свечената изјава државата ја именува Севрена Македонија по што Силјановска повторуваше, но без делот Северна.
Грција и ЕУ реагираа дека уставното име мора да се почитува во согласност со договорот со Грција.
Македонија
РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност
Ракометната федерација на Македонија упатува голема благодарност до сите што безрезервно ѝ дадоа поддршка на машката македонска сениорска репрезентација во спортскиот центар „Борис Трајковски“ за победата против селекцијата на Фарските Острови, дополнително благодарност и до сите што го следеа натпреварот и ги бодреа нашите ракометари пред малите екрани.
„Во рамките на своите програмски определби, Ракометната федерација на Македонија како приоритет број еден ги има промоцијата и унапредувањето на македонскиот ракометен спорт во меѓународни рамки. Во текот на репрезентативните квалификациски циклуси/баражи и утврдени натпреварувачки системи од EHF/IHF во машка и во женска конкуренција за сите возрасни категории, националните селекции обезбедија учество на следните завршни турнири на континентално и на мундијално ниво:
1. Женска сениорска репрезентација – ЕП 2024 (Австрија, Унгарија, Швајцарија) 28.11.2024-15.12.2024
2. Машка сениорска ракометна репрезентација – СП 2025 (Хрватска, Данска, Норвешка) 14.01.2025 – 02.02.2025
3. Женска младинска ракометна репрезентација – СП 2024 (Македонија) 19.06.2024-30.06.2024
4. Машка младинска ракометна репрезентација – ЕП 2024 (Словенија) 10.07.2024- 21.07.2024
5. Машка кадетска ракометна репрезентација – ЕП 2024 (Црна Гора) 07.08.2024- 18.08.2024
Честитки до сите ракометари и ракометарки и до членовите на стручните штабови на сите македонски ракометни селекции! Вие сте наша гордост!!! Со почит. Ракометна федерација на Македонија“, стои во објавата на РФМ.
ПР