Македонија
Навредувањето и исмевањето е најчест тип на насилство во училиштата
Навредувањето и исмевањето е најчест тип на насилство во училиштата во земјава, покажа истражувањето на тема „Насилството во училиштата и меѓуетничките односи“, спроведено во девет средни училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар во ноември-декември 2019 година што го спроведе Агенцијата за истражување на јавното мислење и маркетинг „Брима“ со поддршка на тимот на Програмата за мировно образование при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека се пријавени дури 22 различни видови насилство во училиште, од кои најзастапено е навредувањето и исмевањето 88%, потоа следи уништување на училиштен инвентар со 84%. Во истражувањето се истакнува дека образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора да се изрази преку демолирање предмети.
Тепачките меѓу учениците (82%) се на трето место и нема значајна разлика во однос на состав и локација на училиштата, а најмногу се случуваат во училишните дворови (60%), поради помала видливост од страна на возрасните.
Навредувањето на линија наставник – ученик и ученик – наставник е на четврто и петто место на листата.
„Наставниците во своите едукации не стекнуваат свесност и вештини за справување со лутина и разрешување конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и средината, честопати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем“, пишува во истражувањето.
Како причини за насилно однесување помеѓу учениците најчесто се наведуваат провокациите (61%), омразата или одмаздата (60%), одбраната на другар/ка (46%), љубомората (43%), лошото друштво (43%) и самоодбрана (41%).
Како мерки за подобрување на разбирањето помеѓу учениците од различни етнички заедници учениците наведуваат: воведување заеднички часови, работилници, проекти и активности, додека како мерки за намалување на насилството се нагласува младинското учество, клубови, праламент и слично.
„Генерално, се забележува тренд на зголемување на прифаќањето на оправданоста на решавањето на проблемите во општеството преку насилство. Овој наод соодветствува со социјалната реалност во земјава, бидејќи последнава деценија во јавното мислење присутна е перцепцијата за неказнивост на насилствата што, од своја страна, дава порака дека нема други механизми за решавање на конфликтите, освен со насилство“, пишува во истражувањето.
Училиштата не се доволно препознаени од учениците како места на кои можат да побараат помош во случај на изложеност на насилство: никогаш не се обраќаат на директорот на училиштето (62%), нешто помалку на друг наставник (50%), на педагог/психолог (42%), класен раководител (34%), соученик (31%). За крај охрабрувачки податок дека над 60 % од испитаните наставници проценуваат дека насилството е намалено во 2019 г. во однос на 2011 и 2012 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

