Македонија
Над илјада Македонци во Германија ја искористиле можноста за мобилно издавање пасоши во конзулатот во Бон

За помалку од три месеци, над илјада македонски државјани кои живеат во Германија се сликаа за нови патни исправи во Конзуларното одделение на Македонија во Бон, каде успешно стапи на функција новата базна станица.
Седумстотини биометриски пасоши се готови а во тек е обработката на пристигнатите барања, со новата опрема која исклучително придонесе во кратење на постапката, намалување на трошоците, како и зголемување на задоволството на нашите државјани во Германија, сведочи конзулот, Боро Мирчески.
„ Oвој проект е исклучително полезен за нашата дијаспора! Од искуството во изминатиот период, како го отпочнавме проектот, можам да посведочам само на зголемување на задоволството кај странките. Во моментов во нашата амбасада во Бон странките добиваат изготвена патна исправа за помалку од 30 дена” рече Мирчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова положи венец на вечните почивалишта на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод одбележувањето на 21 година од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина, денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис Трајковски во Алејата на великаните на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Претседателката положи венци со свежо цвеќе и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Делегации на Кабинетот на претседателот положија венци со свежо цвеќе на вечните почивалишта на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населба Илинден и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци.
Македонија
Исени во СВР Скопје: Безбедноста во градот е добра и покрај предизвиците со кои се соочува секторот

Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Скопје.
На средбата беа разгледувани актуелните состојби во најголемиот сектор за внатрешни работи, предизвиците со кои се соочуваат како недостаток на кадар и можностите на решавање на истите.
„И покрај предизвиците со кои се соочува СВР Скопје констатиравме дека безбедноста во градот е добра и сите капацитети на СВР Скопје се во функција да се обезбеди сигурноста на граѓаните. Воедно, изразив убедување дека СВР Скопје со крајна професионалност ќе продолжи со истата динамика на работа, расчистување на кривичните дела и обезбедување на јавниот ред и мир и стабилноста во градот Скопје во интерес на граѓаните на Република Македонија“, потенцираше заменик министерот Исени.
Оваа средба е дел од низата средби кои ќе бидат направени во секторите за внатрешни работи za запознавање со состојбите во сите сектори и организациски единици на МВР.
Македонија
Кривична пријава против градоначалникот на општина Делчево

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Г.Т.(53) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ казниво по член 353 став 3 и 1 , а во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот, градоначалник на општина Делчево, на 11.04.2019 склучил договор за јавна набавка на стоки – набавка и испорака на резервни делови, прибори и масла за возниот парк за потребите на општина Делчево со важност од 13.06.2019 до 12.06.2020, во кој договор во спецификацијата била понудена нереално ниска цена, за 16 пати пониска од другите двајца понудувачи.
Од комисијата за јавни набавки на пријавениот Г.Т. му било укажано за невообичаено ниските цени и согласно член 163 став 1 од Законот за јавни набавки бил должен од економскиот оператор побара дополнително појаснување за таквите невообичаено ниски цени и согласно член 169 став 1 точка 4 и 5 од Законот за јавни набавки да го поништи таквиот оглас за јавна набавка. Но, и покрај тоа пријавениот ги пречекорил границите на службената должност со неизвршување на службената должност, фаворизирал и овозможил на правно лице од Делчево да го добие договорот за јавна набавка на стоки – делови за моторни возила за потребите на општина Делчево.
По склучување на договорот, пријавениот наместо да обезбеди правилно и законски користење на средствата на општината и да ги набави деловите со невобичаено ниска цена, не извршил набавка на таквите делови, а извршил набавка и плаќање на сите останати стоки наведени во тендерската документација кои биле со повисоки цени од понудите на другите двајца понудувачи и на тој начин му озовможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист на штета на општина Делчево во износ од 222.760 денари.