Македонија
Намалена видливост на патните правци кои гравитираат околу Битола и на патот Тетово – Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 100 – 150 метри на патните правци кои гравитираат околу градот Битола и од 20 – 30 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка ( до с.Гајре ).
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со повремен дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степен.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат денеска кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок, кога се очекува локално да наврнат и над 20 l/m². Во петок ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер, особено долж Повардарието.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект од ф – 80 мм на улицата Пиринска бр. 45 без вода ќе останат дел од корисниците од улиците Ленинова и Чедомир Миндеровиќ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Филипче од Маврово и Ростуше: СДСМ бараше минимална плата од 500 евра, но Мицкоски не прифати

„СДСМ бараше минималната плата да се зголеми на 500 евра, но Мицкоски и неговата влада тоа не го прифатија,“ изјави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Маврово и Ростуше.
Тој истакна дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги игнорираат предлозите што директно влијаат врз стандардот на граѓаните, а резултатот е стагнација на платите и намалување на куповната моќ.
„Премиерот Мицкоски мисли дека во Македонија може добро да се живее со 400 евра, а Славевски дури смета дека и тоа е многу. Албанија веќе ја зголеми минималната плата на 520 евра, а ние, наместо да одиме напред, тапкаме во место“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека СДСМ има конкретен план за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард, но дека оваа влада нема слух за реалните потреби на граѓаните.
„Ние не зборуваме за бројки, туку за луѓе, за семејства што едвај врзуваат крај со крај. Затоа е важно на 19 октомври сите да се обединиме и да ја поддржиме бројката 5, за политика која носи раст, правда и достоинствен живот за сите,“ порача Филипче.