Македонија
Намалена видливост поради магла на повеќе патни правци

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има на патните правци Неготино-Д.Капија 20-30м, Ресен-Битола 50м и Прилеп-Битола 50-100м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ИЈЗ ги објави мерењата на радијација во воздухот: Нема отстапувања и покрај пожарот во Трубарево

Институтот за јавно здравје соопшти дека мерењата на радијацијата во воздухот, извршени од 7 до 14 септември 2025 година, покажуваат нормални вредности и нема никаква опасност за здравјето на граѓаните, и покрај загриженоста поради големиот пожар во скопската населба Трубарево.
Во Скопје, каде што работи една од автоматските мерни станици, просечните вредности изнесуваат 51 нано сиверт на час, што е рамки на природниот радијациски фон – природното зрачење што секогаш постои околу нас. Највисоката измерена вредност е регистрирана на 11 септември, кога бил забележан пик од околу 69 нано сиверти на час, но и ова отстапување е во рамки на природното и безбедно ниво. Денеска (14 септември) во 11:30 часот измерени се 50 нано сиверти на час.
Од ИЈЗ нагласуваат дека нема одстапувања од нормалните референтни вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или ризик по здравјето на граѓаните.
По насока на инспекторатот за животна средина и Министерството за здравство, на терен во близина на Трубарево се испратени обучени екипи кои земаат примероци од почва и вода за дополнителни анализи. Резултатите од тие анализи ќе бидат објавени јавно.
Институтот истакнува дека внимателно ја следи состојбата во координација со сите надлежни институции, а на граѓаните им препорачува да ги следат официјалните информации и упатства.
Македонија
Меџити во Трубарево: Поставена мерна станица која ќе биде на функција 24 часа

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска повторно беше на теренска посета на опожареното складиште во Трубарево, каде денес е поставена мерна станица, поставена да го провери квалитетот на воздухот во реално време.
Меџити, на чие барање е поставена мерната станица беше придружуван од директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, проф. д-р Дејан Мирковски.
Министерот Меџити во текот на посетата изврши увид во функционирањето на новоинсталираната мерна станица за квалитет на амбиентен воздух.
Посетата има за цел да го потенцира значењето на мониторингот на квалитетот на воздухот и унапредувањето на животната средина преку меѓуинституционална соработка.
Мерењата ќе се извршат секојдневно 24/7 за да се следи квалитетот на воздухот, и навремено информирање на јавноста, која ќе има можност да ги следи податоците во реално време.
Македонија
Онлајн настава една недела во четири училишта во Гази Баба поради пожарот во Трубарево

Министерството за образование и наука информира дека наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, од понеделник 15 септември до петок 19 септември ќе се реализира без физичко присуство на учениците во училиштата, туку онлајн.
Поради настанатиот пожар во Трубарево, општина Гази Баба и препораките на Државниот инспекторат за животна средина, на итна седница на Владата беше донесен Заклучок наставата во четирите основни училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Министерството за образование и наука ги извести училиштата да ја организираат наставата согласно новонастанатите услови.