Македонија
Намален е бројот на ученици во училиштата во државата
Намален е бројот на ученици во основните и средните училишта, во учебната 2022/2023 година, укажуваат податоците во извештајот на Државниот завод за статистика.
Бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.245, што претставува намалување за 1,4 отсто во однос на претходната
учебна година.
Во редовните средни училишта, бројот на учениците на крајот на учебната 2022/2023 година изнесува 66.678, што претставува намалување за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година.
Линк до целиот извештај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ќе ги разгледаме ставовите на маса“ – Меџити и Мицкоски се’ уште не разговарале за уставните измени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на Демократското движење и носител на листата за пратеници во првата изборна единица од коалицијата Влен, Изет Меџити, се уште не разговарале за уставните измени, иако веќе се зборува за можноста да бидат коалициони партнери ако ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори.
Дали уставните измени би можеле да бидат препрека да се реализираат овие планови? Меџити денес не даде конкретен одговор на ова прашање.
„И порано и сега велиме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за Влада која ќе биде европски ориентирана. За нас е тоа приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, програмата. Кога ќе седнеме ќе ги разговараме ставовите на маса“, рече Меџити.
Прашан од новинарите кој ќе биде нивниот став, Меџити додаде: „Нашиот став е јасен. Нема дилема на Влен за ставот за евроинтеграциите“.
И првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, вчера изјави дека не се водени разговори со Влен, на тема уставни измени. Мицкоски во интервју за „360 степени“ повтори дека измени на Уставот – не прифаќаат. Рече и дека пораката од народот е дека досегашната влада треба да оди во опозиција, а на коалицијата Влен треба да ѝ се даде шанса.
„Не може една политичка партија да биде континуирано повеќе од 20 години малку со едната, малку со другата партија и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите. Цениме дека треба да се даде шанса на опозицијата бидејќи јасна е пораката“, рече Мицкоски.
ДУИ упати обвинување до ВМРО-ДПМНЕ дека договара коалиција без да го почека резултатот од изборите, порачувајќи дека волјата на народот треба да се почитува, но и дека без нивните пратеници нова Влада нема да се формира.
Македонија
Талат Џафери, директорите и УО на Фондот за здравство да си го загреат столчето, платите да се усогласат или генерален штрајк од 1 јуни, најави Синдикатот
Од 1 јуни повторно постои можност вработените во Фондот за здравствено осигурување во целата земја да престанат со работа, како во февруари годинава, кога запреа сите исплати од оваа институција. Некои од вработените денес излегоа на предупредувачки протест пред Фондот за здравствено осигурување во Скопје и повикаа да се одреди бодот по кој ќе им се пресметува плата кој засега е извесен само до крајот на мај, да се направи усогласување на нивните плати со минималната и да се разреши сегашниот Управен одбор оти не постапува по барањата на вработените. Доколку не им се исполнат барањата, на 15 мај ќе почнат предупредувачки протести, а на први јуни ќе стапат во генерален штрајк.
„Бидејќи сега веќе доаѓаме во цајтнот период каде што треба да се донесат и одлуки за усогласување на платата, како и вредност на бодот по 1 јуни, ние сакаме да го предупредиме овој состав на Управниот одбор да седне, да си ја сработи работата да си ги донесе одлуките и да не нè држи повеќе во неизвесност. Со оглед на тоа дека самите најавиле дека немаат намера до формирање на нова влада да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто воопшто постои Управниот одбор. Би било поетички сите да си дадат оставки, а на нивно место да си дојдат лица кои ќе си ја работат работата односно ќе си ги заработат парите кои им се дадени. Доколку ова не се случи до 15 мај, ние од 15 мај ќе почнеме секој ден, во сите градови во Република Македонија по еден до два часа да имаме предупредувачки протести, а отсега најавуваме дека од 01.06. ,доколку не е решено прашањето, стапуваме во генерален штрајк“, рече претседателот на Синдикатот на вработените во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов.
Минатиот петок Синдикатот предложил точка на дневен ред на седница на Управниот одбор на Фондот да биде пресметката на бодот за вработените оти бодот е извесен само до крајот на мај со временото решение од Владата по штрајкот во февруари, а посочиле и дека платите треба да се усогласат со минималната плата, односно да се зголемат за 2392 денари по лице. Управниот одбор без образложени ја одбил точката, па вработени ќе знаат по кој бод им се пресметува плата само уште за месец мај.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на денешниот протест јавно ги повика Владата и техничкиот премиер да најдат решение и да не дозволат Фондот за здравствено осигурување да ги затвори вратите.
„Да искористам прилика да ја повикам Владата на чело со Талат Џафери, раководството на Фонд за здравство, сепак и овој Управен одбор, додека не го разрешат, да си го загреат столчето. Видоа што се случи во февруари кога Фондот за здравство штрајкуваше само два дена. Ги повикувам сите одговорни да не дозволиме овие вработени зад нас да ги затворат вратите бидејќи ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Помагаме и работиме за најлошите случаи во државата. Апелирам до сите надлежни, не бараме ништо, бараме да ни останат платите исти како што се сегашните и бараме усогласување со пораст на минимална плата од 2400 денари. Ако тоа е проблем за 800 вработени, што правиме понатаму“, рече Деаноски.
Во февруари годинава во Фондот ширум земјава ги затворија шалтерите оти Управниот одбор прифатил препорака од Владата да им се намалат платите на сите вработени за 21 отсто. По два дена штрајкување Владата даде препорака платата да им остане иста, да не се намалува, но само до крајот на мај. Тогаш Синдикатот не го прекина, туку го само го стави во мирување штрајкот кој продолжи денес, а доколку не им се исполнат барањата платата да остане иста, да се усогласи со минималната и Управниот одбор да си поднесе оставка, од 15 мај ќе штрајкуваат по еден до два часа, а од 1 јуни престануваат со работа.
Македонија
Герасимовски: Започна инсталирање на смарт јавно осветлување близу училишта, градинки, паркови и шеталишта
Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.
„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.
Процесот за менување на јавното осветлување со нови старт светилки Општина Центар го започна пред две недели со поставување на лед светилките од Тип 1 кои се инсталираат на најфреквентните улици во општината. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници поставувајќи ги паралелно различните типови сијалици кои ги има вкупно четири. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.