Македонија
Брзото возење во доцните часови е најопасната грешка што ја прават младите возачи, предупредуваат од РСБСП
Младите возачи и возачите почетници се најранлива категорија учесници во сообраќајот, но и најчесто грешат во него, порачуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, објаснувајќи дека се работи за непромислени и ненамерни грешки, бидејќи, како што велат, во голем дел од ситуациите тие се направени за прв пат или не се направени свесно.
„Секој млад човек (кандидат за возач) кога прв пат ќе седне во автомобил да учи да вози, обично е многу внимателен и подготвен да слуша и да ги применува советите од инструкторот. Но, откако ќе се стекне со возачка дозвола и со минимум возачко искуство, наеднаш работите се менуваат, на површина излегува преголемата самодоверба изградена врз основа на лажна перцепција за „големите“ возачки способности. Тогаш се прават најголемите грешки во сообраќајот, а крајниот епилог од таквото однесување најчесто е погубен и фатален“ велат од РСБСП.
Една од најопасните грешки што младите возачи ја прават, потсетуваат од РСБСП, е брзото возење и тоа најчесто во доцните вечерни или во раните утрински часови.
„Возењето во услови на мрак и намалена видливост само по себе носи предизвици и опасности. Кога на тоа ќе се додаде брзото возење, неискуството и заморот од „напорната“ ноќ, тогаш заканата станува многу сериозна и загрижувачка. Посебно „популарни“ во летниот период се уличните трки во доцните вечерни часови кога булеварите и улиците се празни и кога возачите можат „машки да си ги измерат силите“ на улиците“ објаснуваат од РСБСП.
Од таму додаваат дека сериозна грешка и однесување без минимум основа за било какво оправдување што го надополнува брзото возење, а најчесто ја прават машките (млади) возачи, е агресивното возење.
Најчесто ваквото девијантно однесување е последица на поголемо количество алкохол што младите го консумираат непосредно пред да седнат за воланот. Доказ за тоа се и последните контроли на сообраќајната полиција во повеќе градови низ земјава. Оваа „луда“ идеја е грешка која не само што ќе ве чини многу пари, туку може да ве чини и загубен живот.
Една од грешките што скоро никој и да не ја забележува е одвлеченото внимание. Една статистика вели дека 15% од сите незгоди во кои учесници биле млади возачи се случиле кога во возилото освен возачот имало повеќе од еден патник на иста или на приближно иста возраст. Младите возачи забавата со друштвото ја продолжуваат во возилото низ градските улици, а желбата за докажување пред другарите ги води кон фатален исход.
Речиси и да нема млад човек – возач кој овие факти не ги знае или не е свесен за нивната важност. Сите ги знаат фактите, ризикот и опасностите, но не сите се придржуваат до нив.
Затоа РСБСП апелира до секој млад возач: Размисли пред да биде доцна. Животот е еден и нема цена, а сообраќајните незгоди не даваат втора шанса. Биди одговорен возач, биди позитивен пример за твоите пријатели и покажи како вистински се сака животот, младоста и семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петар Богојески од Републиката напиша писмо до граѓаните
Стоејќи исправен и горд пред споменот на основачите на македонската Република, тука од изворот на републиканството и македонството, длабоко убеден во Идеалот на Илинден за слободна Македонија на сите родени во неа, го упатувам ова писмо во очи на парламентарните и претседателски избори кои треба да се одржат на 8ми Мај 2024 година, до сите граѓани на Република Македонија, независно од нивната етничка, верска или политичка припадност, како непоколеблива верба во европските и светски цивилизациски вредности, во духот на Универзалната декларација за човечките права на Обединетите нации, донесена пред повеќе од 80 години.
Писмото од Републиката е базирано на единственото прашање кое ги обединува сите граѓани на оваа земја, идеалот на републиканската традиција која е јасно изразена во Манифестот на Крушевската република во далечната 1903 година, како прва Република на Балканот, заедно со Заседанието на АСНОМ на вториот Илинден на 2 ри Август 1944 година, во присуство на делегации на сојузничките сили на победниците над фашизмот, кои беа интернационални сведоци и поддржувачи на формирањето на македонската држава, во рамки на југословенската федерација.
Врз овие два историски настани е базирана нашата државност, која по крвавото распаѓање на Југославија, резултираше со масовниот Референдум за независна и самостојна Република Македонија на 8ми Септември 1991 година, по падот на Берлинскиот ѕид и беше неприкосновен доказ за европеизацијата на Балканот, оценета од Бадинтеровата комисија како чин кој единствено на Словенија и Македонија им препорача влез во Европската Унија, кој за нас не се оствари бидејќи се разбудија анахроните сили на Балканот, со обидите за разорување на македонското државотворно и граѓанско, национално право да стане дел од европската заедница на народите.
Почитувани македонски граѓани и граѓанки, по повеќе од три децении уцени, понижувања, манипулации, покрај тоа што Република Македонија ја потпиша Спогодбата и стана кандидат за влез во Европската Унија уште во 2000 година, до ден денес трае тој процес на разнебитување на нашата државност за која дописникот на францускиот весник “La Croix”, напиша:
„Македонија или загрозениот идеал на Балканот, треба да преживее по секоја цена, за да се оствари европската и евроатланската интеграција на тој регион, бидејќи во неа Националната телевизија емитува ТВ дневник на 7 јазиици. Таа е единствената земја на Балканот во која албанскиот и турскиот театар слават 60 години, каде што има образование и издавачка дејност на сите балкански јазиици. Македонија е вистинска лабораторија на европските вредности на Балканскиот полуостров! Ако биде уништен македонскиот хуманизам и етничкиот соживот, тешко ќе биде да се верува во дека Европа ќе може да го интегрира Балканот како целина, бидејќи има земји кои сега, за жал се членки на ЕУ, а кои не признаваат ниту едно малцинство, ниту еден јазик, освен мнозинскиот!“
„Одот по маките“ за најтолерантната земја на Балканот продолжи и по кризата со Косово и нападот на НАТО врз Србија и по нападот на косовскиот протекторат на ООН врз Македонија во 2001 година, по која Рамковниот договор требаше да донесе цврста
основа за македонската европска иднина.
Го преживеавме повеќедецениското вето на соседна Грција за името на Република Македонија, кое беше променето со методи, незапаметени по својата бруталност во парламентарната историја на Европа и кое резултираше со Преспанскиот договор и констатирање на влезот на Македонија во НАТО, одлука донесена на Букурешкиот самит на Алијансата уште во 2008 година. На тоа предходеше и Договорот за „добрососедство“ со Бугарија и лажното ветување дека „вратите на Европа ќе бидат широко отворени“ за нас Македонците.
Всушност иронијата нема крај. Сега вратите ни се широко затворени, со новото вето од соседна Бугарија. Македонија е повторно уценета да се откаже од својот етнички идентитет и македонски јазик, за да влезе во ЕУ како „земја инвалид“ под бугарски
услови и преговарачка рамка, досега непознати во европската историја.
Замислете, Бугарија која во својот Устав, не признава ниедно малцинство и ниеден друг идентитет, како врпочем и Грција, бара од Македонија да го промени својот Устав, а тие не ги применуваат 16те пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за признавањето на основните етнички и човекови права на Македонците во таа земја.
Ние веруваме во визијата на таткото на ЕУ, Жан Моне дека Европа е нашиот заеднички дом. Ние на ЕУ гледаме како на можност за зацврстување на македонската државност, а не за нејзино укинување. Унапредување на институционалните капацитети, а не нивно рушење. Доколку ЕУ не е подготвена самата себе си да се почитува и да практикува европски вредности врз кое е основана, тогаш ние сме тука да и помогнеме и да ја освестиме за кривиот пат по кој тргнала. Убедени во капацитетите на европската јавност, тоа да го препознае и поткрепи.
Јас со ова Писмо од Републиката, сакам да ве потсетам на зборовите на големиот француски хуманист Жан Жорес, кој ги искажа пред 110 години и кои се запишани во новата европска историја, како да се изговорени вчера: „Сиромашни какви што сме, Татковината е нашето единствено богатство.“
Еден историски настан од новата политичка историја на Македонија, може да биде симболичка основа на желбите и стремежите на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија, кога претседателот Борис Трајковски на покана на колегата од Француската Република Жак Ширак истата ја посети, а со тоа започнаа и стратешките дирекни преговори за членство на земјава во ЕУ. По тој повод беше дадена заедничка изјава и соопштение, од кои издвојувам еден заклучок: „Република Македонија е една, единствена и неделива!“ Посочувам дека клучот за влез на Македонија во ЕУ, стои во Париз, а не во Софија. Помирување со Париз, поминува преку одрекување од Софија. Тоа е историски процес, кој никој не може да го запре. Со намера потсетувам на овој значаен настан во овие сложени времиња и си припомнувам на зборовите на тогашниот претседател на Европската комисија, Романо Проди кој уште тогаш повикуваше на брз прием на Македонија во ЕУ. При една неодамнешна посета на Охрид, по повод прием на Светиклиментовата награда за хуманизам, истиот тој со истите зборови алудираше на тоа време и на сите изгубени децении до денес, изгубени во европскиот лавиринт и балканските шовинистички блокади за една Македонија во која била отворена првата средновековна школа на хуманизмот од учениците на Светите Кирил и Методиј, солунските браќа, кои папата Јован Павле Втори ги прогласи за Заштитници на Европа во далечната 1980 година, единаесет векови после нивната смрт. Тоа токму поради нивната бесмртна визија дека во Европа и во светот, треба да владее „Цивилизација на љубовта“.
Писмото од Републиката до сите граѓани родени во Македонија и до сите мирољубиви граѓани на Балканот, Европа и светот, го завршувам со овие зборови и ве повикувам да го поддржите Македонски Концепт како национален, граѓански концепт, во времиња во кои владеат и беснеат војни на различни мердијани и да се потсетиме на големиот пријател на светската прогресивна интелигенција, поранешниот политички затвореник и претседател на Чешката Република, кој и денес е светски идол, Вацвал Хавел:
„Секаде каде што убиваат, не убиваат сите нас!“.
Во име на животот и цивилизацијата на љубовта, да веруваме дека никој не може да ни го одземе нашето право на постоење и нашиот етнички идентитет, како на секој поединец и секој народ на планетата Земја! Тоа право е нашата црвена линија за сите,
вклучително и за ЕУ! Свесен дека ќе има повторно грешки и од тие на кои им поклонивме доверба, им дадовме поддршка да управуваат со Републиката во следните години, ве повикувам таа одлука да ја запечатиме на 8ми Мај, со тоа што грмогласно и непоколебливо ќе кажеме ДА за број 2. Убеден дека тоа ќе биде печат на зацврстување на македонската Република во вкупната нејзина полнота.
Поздрав од Републиката!
Крушево, 06.05.2024 година
Петар Богојески
ПР текст
Скопје
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје поради денот на полицијата
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека утре поради одржување на настан за одбележување „7 Мај – Ден на полиција“, во периодот од 08.00 до 18.00 часот за сообраќај ќе биде затворен бул.„АСНОМ“ на потегот од крстосница со бул.„Србија“ до крстосница со бул.„Февруарски поход“. Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот.
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Снопче ја праша ДУИ: Со која партија ќе формирате влада и зошто не го поддржувате Пендаровски во вториот круг
Кандидатот за пратеник од коалицијата ВЛЕН Халил Снопче изјави дека „Европски фронт“ не може да се промовира со старата гарда на Груевски.
„Велиме дека Груевски бил најкриминализирана сила. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со кандидат за пратеник на црната листа на Америка. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со целосно неприродна соработка. Мендух Тачи го нарече Али Ахмети, убиец. Зијадин Села пак, рече дека тој бил организатор на 27 април, дека Али Ахмети ја нарачал неговата елиминација а сега ги здружуваат силите“, рече Снопче.
Според него, ДУИ се уште не се изјасниле со која партија ќе коалицираат во идната влада.
„ДУИ мора да каже. Ако сака да биде во владата, со која партија ќе коалицира. Не се изјаснија“, рече Снопче.
Снопче додаде дека ДУИ од една страна ја критикува ВМРО, а од друга страна ги моли оние што ги критикуваат.
„Следната влада ќе се создаде со 61 пратеник, затоа ја прашувам ДУИ со која партија ќе формира влада. Според резултатите од 24 април, ако ги претвориме во мандати, СДСМ ќе добие 24 пратеници. Максим Димитриевски рече дек не влегува во влада со ДУИ. ДУИ може да формира влада само со ВМРО, додека ВМРО изрази дека нема место за ДУИ во следната влада”, рече Снопче, апелирајќи до ДУИ да посочи со која партија ќе формира Влада.
Снопче на крајот ја праша и ДУИ зошто не го поддржуваат Стево Пендаровски во вториот круг како што го поддржаа на претседателските избори во 2019 година како консензуален кандидат.