Македонија
Наместо да се оградат, СДС го продава Филипче како ново лице на опозицијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС може да зборува за реформи и европски вредности колку што сака, но нивното седумгодишно владеење се бележи само по тендерите, значи тендери како политика, тендери и како идеологија, па дури можеби и како лична легенда, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од СДСМ.
„Филипче се обидува да ја изгради улогата на морален коректив во опозиција, ама јасно е дека нивната матрица не се менува, прво направи хаос, па направи уште поголем хаос да го прикриеш првиот, обвини некој трет, изигравај жртва. Така, во периодот 2019-2021 година, или златната ера на тендерските шеми на Заев и Филипче, отпишани се 2000 тони јачмен и пченица во вредност од околу 800.000 евра од стоковите резерви. Пченицата инаку била во употреблива состојба, па направен е записник кој го негира тоа, и донесен на владина седница, кога Филипче е дел од владината структура. За да се прикрие ова, се склучуваат два тендери за набавка на 20.000 тони со соседна држава за да се пополнат дупките во залихите. Заев, Филипче и Николовски ги убедуваа граѓаните дека се е под контрола, дека се функционира професионално, но за ова трио тоа значеше само дека внимателно си ги контролираат тендерите“, се наведува во реакцијата.
И сега, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, како може СДС да се реформира кога самиот лидер е дел од истите шеми за кои избегнува да зборува?
„Наместо да се оградат, СДС го продава Филипче како ново лице на опозицијата и партијата ќе продолжи да тоне бидејќи не може човек кој не ја заштити државата кога беше на власт, сега да дели совет додека е во опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Македонија
Герасимовски со УНИЦЕФ: Заедно во превенција на вандализам и воведување општокорисна работа за малолетници
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.
На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.
Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.
Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.
Македонија
(Видео) Николоски: Пробиени 17 километри за обиколување на „Стража“ на автопатот Гостивар–Букојчани
Интензивно се одвиваат градежните активности на автопатот Гостивар – Букојчани, кој е дел од Коридорот 8 на релацијата Скопје – Струга – Охрид, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на „Фејсбук“.
Тој сподели и видео-материјал од теренот, наведувајќи дека досега се пробиени 17 километри од трасата, со што се заобиколува популарната планинска делница „Стража“.
Во објавата Николоски порача: „Ја градиме Македонија!“.
Автопатската делница Гостивар – Букојчани е дел од големиот инфраструктурен пакет на Коридор 8, кој треба да ја подобри поврзаноста меѓу Скопје, западниот регион и Охридско-струшкиот крај.

