Македонија
Напредок во преговорите за пругата која се гради еден и пол век: тунелот да биде заеднички проект со Бугарија, а да го плати ЕУ

Вчерашната средба во Брисел за пругата кон Бугарија која се гради повеќе од еден и пол век, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително успешна. Од ваквите средби тој очекува не само договор за продолжување на пругата која е дел од Коридорот 8, туку и финансиска поддршка од ЕУ.
„Очекувам ние да ја завршиме пругата од Коридорот 8 од Крива Паланка до влезот во тунелот. Од излезот на тунелот до приклучувањето со постојната пруга, тоа се некои два-три километри, треба да се направи проект и тоа да го реализира Бугарија како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија, а тунелот да биде заеднички проект кој ќе биде финансиран од страна на Европската Унија. Ова се отприлика концептите кон кои треба да конвергира решението. Јас сум задоволен што покажуваме дека можеме да изградиме консензус кога станува збор за заедничкиот интерес“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
По осуммесечна пауза вчера во Брисел продолжија преговорите за железничкиот Коридор 8, а утрово Министерството за транспорт извести дека ги договориле чекорите за следните месеци и ги идентиикувале приоритетите меѓу кои е и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.
На состанокот беа државниот секретар во Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП „Железници –инратсруктура“, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а состанокот го организираше Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство.
Македонската и бугарската страна се договориле да формираат работни групи кои до крајот на овој месец ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека очекуваат договорот да биде потпишан оваа есен, градежните работи да почнат на почетокот на 2026 година, а тунелот да се гради по техничкиот проект поднесен од нашата земја.
За една година значително се смени ставот на Владата предводена од Христијан Мицкоски за изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Лани, веднаш по доаѓањето на власт премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ја уверуваа јавноста дека парите наменети за изградба на железничката пруга треба да се пренаменат за реализација на некој друг проект оти „би било лудо да се сложиме како Влада на проект којшто завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милијарда евра народни пари“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.