Македонија
Народната банка предупредува за измами преку лажни телефонски повици, апелира до граѓаните да внимаваат
Измамници мамеле граѓани преку телефон, претставувајќи се во име на Народна банка.
Од Народната банка уверуваат дека нивни претставник или вработен, во ниту еден случај нема телефонски да побара од граѓаните број на сметка, ПИН или друг вид личен податок, ниту пак да бара да се уплатат средства на одредена банкарска сметка.
– Злоупотребувајќи го идентитетот на Народната банка преку телефонски повици, непознати лица, се обидуваат противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени. Ја известуваме јавноста дека Народната банка нема никаква поврзаност со лицата коишто ги оствариле телефонските повици и апелираме до граѓаните, да не откриваат лични податоци, ниту пак да преземаат активности согласно со барањата од непознатите лица. Доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете, неочекувани телефонски повици, е-маил или СМС пораки од сомнителни адреси или телефонски броеви, во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или од вас се бара откривање лични податоци, не започнувајте комуникација каде ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка, пишува во соопштението од Народна банка.
Доколку граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство – електронска пошта или преку социјалните мрежи, од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува како вработен во Народна бaнка, се апелира веднаш да го пријават случајот во Народната банка, преку официјалната е-адреса: [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

