Македонија
Наскоро нов факултет за физиотерапија
Во рамките на трансформацијата што се случува на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, во соработка со Универзитетот „Мајами“ во Охајо, САД, се очекува да започне со работа и новиот факултет за физиотерапија.
Програмата на овој факултет, меѓу другото, опфаќа и настава за трауматологија, кинезитерапија, клиничка физиотерапија, фармакологија за физијатриската терапија, физикална терапија наменета за педијатрија и геријатрија, спортска физикална терапија, алтернативна медицина, како и интерактивна кличинка пракса.
Имајќи ги предвид сè помасовните проблеми со кои се соочуваат луѓето кои го минуваат денот во динамика повзрана со работа на компјутери и мобилни телефони, Факултетот за физиотерапија ќе понуди една нова перспектива за младите.
Да бидеме во тек со времето и потребите кои се наметнуваат, а Факултетот за физиотерпаија несомнено ќе биде еден од најдобрите избори за младите студенти.
Студирајте либерално, флексибилно, учете на англиски јазик и различно од кој било друг универзитет во државава и еден од ретките во регионот.
Програмата е креирана согласно американските стандарди и нуди висок квалитет на образование со директен линк на Мајами универзитетот од Охајо, САД и взаемна соработка со Американскиот Универзитет на Европа – ФОН од Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје
Утре (06.01.2026), по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници“, велат од МВР.
Македонија
Во Битола промовирана нова опрема за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион
Денеска во Битола беше промовирана и доделена дел од предвидената опрема за управување со отпад (возила и контејнери/канти) за општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион.
Премиерот Христијан Мицкоски беше придружуван од министерот за животна средина и просторно планирање Мухамед Хоџа и заменик-министерката Ане Лашкоска.
Пред присутните градоначалници и претставници на општините, како и партнерите од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и донаторите SECO, WBIF и СИДА, премиерот Мицкоски изјави дека со денешниот настан се испраќа силна и недвосмислена порака дека државата чекори напред од систем кој со децении бил запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
„Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство, таа е симбол на системска промена. Со нејзината распределба овозможуваме значително зголемување на покриеноста со услугата за собирање на отпад како во урбаните, така и во руралните средини“, рече премиерот Мицкоски.
Со возилата, контејнерите и кантите за отпад кои Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање ги доделува на јавните комунални претпријатија, ќе се олесни и ќе се подобри работата на комуналните служби во општините од двата региони.
На паркингот пред спортската сала беше изложен дел од опремата – 10 камиони со капацитет од 8 кубни метри, четири камиони со капацитет од 12 кубни метри, еден кипер камион, еден камион од марката „Рено“, како и друга придружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски истакна дека станува збор за исклучително значаен проект за животната средина, кој бара системски пристап на локално, регионално и централно ниво за да се постигнат трајни решенија за проблем кој со децении ги засега граѓаните, особено во големите урбани средини.
„Регионалниот проект за управување со цврст отпад не значи само изградба на депонија, набавка на камиони или контејнери. Тој претставува нов начин на управување, систем заснован на европски стандарди, одговорност и регионална соработка, целосно усогласен со директивите на Европската Унија. За Битола, како најголема општина во Пелагонискиот регион и еден од најголемите генератори на комунален отпад, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“, рече Коњановски.
Тој потсети дека регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во општина Новаци, во кругот на РЕК Битола, како резултат на регионална солидарност и заемна доверба меѓу општините, додавајќи дека Битола ја поддржува оваа одлука бидејќи само преку заеднички решенија може да се обезбеди чист регион и здрава животна средина.
„Со реализацијата на планираните активности ќе се овозможи затворање и санација на постојните нестандардни депонии, како и воспоставување нов систем со претоварни станици во Прилеп, Дебар, Охрид и Кичево. Ова ќе придонесе за значително намалување на загадувањето, заштита на почвата и подземните води и подобри услови за граѓаните“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека конкретните придобивки за Битола веќе се видливи преку испораката на нова опрема – канти, контејнери и камиони за собирање отпад, што создава услови за поголема покриеност со услугата во урбани и рурални средини, поефикасно собирање и воведување селекција уште на местото на создавање на отпадот.
Коњановски потенцираше дека инфраструктурата сама по себе не е доволна и дека успехот на системот ќе зависи од тоа колку општините, јавните претпријатија, институциите и граѓаните ќе ја прифатат новата култура на одговорно постапување со отпадот.
„Овој проект е доказ дека кога државата, општините и меѓународните партнери работат заедно, резултатите се конкретни, видливи и корисни за сите. Заедно градиме почиста Битола, почист Пелагониски регион и се грижиме за иднината на нашите граѓани“, рече градоначалникот на Битола.
На настанот се обратија и министерот за животна средина и просторно планирање, како и градоначалникот на Општина Новаци.

