Македонија
„На точак“: Скопјани сѐ повеќе користат велосипеди, но градот е далеку од развиена инфраструктура
Граѓанската иницијатива „На точак“ денеска од плоштад Македонија со почеток од 17:30 часот ќе ја почне роденденската „Критична маса“, настан со кој ќе се одбележи 6 години постоење и континуитет, под слоганот „Скопје врти кон светлата страна“.
„По 73. пат и оваа последна среда во месецот скопјани ќе возат заедно велосипед за да потсетат дека и по шест години борба за подобри услови за велосипедистите, градот е сѐ уште далеку од она кое можеме да го видиме како пример во земјите со развиена велокултура“, велат од неформалното здружение за урбан велосипедизам „На точак“.
Оттаму нагласуваат дека во последните години многу жители на главниот град го прифатиле велосипедот како превозно средство и лек за градскиот сообраќаен метеж.
„Бројот на велосипедисти од година на година расте. Државниот завод за статистика неодамна објави информација која покажува дека во изминатите 8 години речиси трипати е зголеменa сумата на увоз на велосипеди. На таа бројка големо влијание имаат и субвенциите за новокупени велосипеди кои веќе неколку години по ред ги даваат повеќе општини, но, за жал, развојот на инфраструктурата и културата не успеваат да го стигнат истото темпо на развој“, се наведува во соопштението испратено како најава за денешниот настан.
Од иницијативата потсетуваат дека во 2015 година беше промовиран проектот „Скопје велоград 2017“ кој опфаќа оспособување на 4 главни велорути, што се всушност патеки за велосипедисти, во вкупна должина од околу 80 километри.
„Иако проектот требаше да биде финализиран до крајот на минатата година, во мај 2018 година истиот не е завршен ни до пола, а е продолжен под името ‘Скопје велоград’. По шест години, Скопје нема ниту функционален систем за изнајмување велосипеди и овој модел на транспорт, за жал, е привилегија само на оние кои поседуваат сопствен велосипед. По шест години, велосипедистите веруваат дека проблемот со украдени велосипеди сѐ уште не се третира сериозно од страна на полицијата, а бројот на жртви во сообраќајот не се намалува“, стои во соопштението.
Меѓутоа, се додава дека иако Скопје не се трансформира во велоград со темпото кое е посакувано, сепак изминатиот период се забележани и многу позитивни промени.
„Скопје од ден на ден добива по некој метар нова велосипедска патека, по некој спуштен рабник, ја доби и првата велосипедска лента на булевар Св. Климент Охридски, неколку велосипедски семафори, нови, но недоволно бројни паркинзи за велосипеди, столпчиња за заштита на пешачките и велосипедските патеки, а пред некоја недела се врати на должност и полициската единица на точак. Секако, најголемата и најважна промена се растечкиот број граѓани кои го практикуваат велосипедот како секојдневно превозно средство и веруваат дека Скопје може да биде функционален град за велосипедистите“, додаваат од неформалното здружение за урбан велосипедизам.
Иницијативата „На точак“, која 73 месеци до сега го кооординира настанот „Критична маса“, во периодот на своето постоење работи на детектирање на проблемите на велосипедистите, но истражува и светски практики и предлага решенија за „зелен транспорт“ кои може да се применат во главниот град каде автомобилот се фаворизира на сметка на правата на пешаците, велосипедстите и инвалидизираните лица.
На крајот, од иницијативата ги канат сите велосипедисти и поддржувачи кои вложуваат напори Скопје да биде позелен, поубав, почист град со безбедни улици заедно да ја одбележат шестгодишнината на континуираните напори за трансформација на главниот град кон „светлата страна“ и да се приклучат кон денешното возење. Истото ќе се спроведе низ улиците на главниот град, а ќе биде заокружено со вечерна забава која ќе се одржи на платото пред НУБ „Св. Климент Охридски“, каде што ќе има изложба на сите досегашни постери и пораки од „Критичните маси“ и други активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.