Македонија
Највисока снежна покривка од 68 см во Маврови Анови

Врнежите од снег на планинските места ја зголемија и проширија снежната покривка особено во западниот дел од земјата. Како што соопшти УХМР, 68 сантиметри се измерени на Маврови Анови, 51 см на Попова Шапка, 25 во Лазарополе и 5 см во Берово.
Во пониските места, пак, врнежите беа од дожд. Најмногу наврнат воден талог за изминатите 9 часа до 16 часот, од 38 л/м2 се измерени во Крушево, 33 во Кавадарци, 32 Попова Шапка, 31 Маврови Анови, 30 Тополчани, 19 Битола, 17 Прилеп, 14 Берово, 12 Лазарополе, 10 Гевгелија, 9 Велес, Струмица, 6 Тетово, Виница, 5 Скопје – Зајчев Рид и 3 л/м2 во Штип, Пожаране и Охрид.
Времето утре наутро умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.
Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.
Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.
До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Фокус на натамошно јакнење на економската соработка со Германија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со делегација од Ostausschuss der deutschen Wirtschaft – Источниот комитет на германското стопанство.
„Во фокусот на разговорите беше продлабочувањето на економската соработка помеѓу двете земји, со акцент на инвестициските поволности во државата, особено во рамките на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), како и можностите за привлекување нови германски инвестиции.
Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на бизнис-климата и создавање поволни услови за работење за домашните и странските компании, со цел економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места“, велат од МНР.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните глобални економски предизвици и нивното влијание врз трговските и инвестициските текови. Соговорниците се согласија дека, и покрај глобалните неизвесности, двете земји остануваат силно посветени на натамошно јакнење на билатералната економска соработка потпирајќи се на традиционално добрите политички односи.
Македонија
(Видео) Самохрана мајка од Кочани дала отказ за да се грижи за повредениот син: „Ни треба помош од државата“

Силвана Петрова, мајка на повредениот Трајче Петров, зборуваше за состојбата во која се наоѓа семејството по пожарот во „Пулс“ и како ја оставила работата за да му се посвети на детето.
Петрова, која е самохрана мајка, за „Сапорт Кочани“ рече и дека ќе даде сè што може за здравјето на своето дете, но неопходна ѝ e помош.
„Сè уште чекаме. Државата не ни помогна со ништо. Не знаеме што сè ќе треба во понатамошниот процес на заздравување – дали ќе има операции, дали ќе треба специјални ракавици или опрема. Јас сè што имам ќе дадам, ама потребна ни е помош и од државата“, рече Петрова.
Раскажа и дека го облекува синот, му ги мачка изгорените раце, му сечка јадење за тој со левата рака може да го принесе до устата.
(!) Содржината на видеото за некого може да биде вознемирувачка
View this post on Instagram
Македонија
Мицкоски ја повика Арсовска да постапи за дивоградбата во Чаир: Таа има ингеренции, од филозофирање и гола реторика народот нема фајде

Премиерот Христијан Мицкоски ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да постапи за градилиштето во Чаир за кое тврди дека е без градежна дозвола.
„Таа има ингеренции. Ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде“, кусо рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Желино, каде што заврши изградбата на патот Палатица – Тетово.
Вчера, градоначалничката на Скопје, Арсовска, преку пренос во живо на социјалните мрежи ги повикуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да излезат на терен и да постапат оти градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дозволил на државно земјиште во Чаир да никне дивоградба.