Македонија
Најголем натпревар по математика UltiMATH: награда од 10.000 евра во кеш за најдобриот средношколец
За средношколците што сакаат да се натпреваруваат и да ги поместуваат границите на своето знаење, како и за оние што ги бива за математика, но немаат каде да го докажат својот потенцијал: започнa квалификациската рунда за „UltiMATH“ – најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија.
Ова е клучниот предизвик на „UltiMATH“ кој ќе прерасне во годишен натпревар организиран од факултетот „Brainster Next“ и NU College – Првиот колеџ за средношколци во Македонија. Покрај мерењето на знаењето на средношколците, „UltiMATH” е привлечен и поради наградата од 10 илјади евра во кеш како и 100% стипендија што целосно ќе го покрие студирањето на „Brainster Next“ факултетот за најдобриот математичар.
Како што објаснуваат организаторите, идејата зад натпреварот е да ги инспирира младите да градат кариера во математика, наука и технологија. Привлечните награди, пак, се само дополнителен мотив за средношколците кои треба да ги поттикнат да размислуваат и да посакуваат повеќе.
„Нашата цел и практично мисија за организација на овој натпревар е да покажеме дека математиката и науката се области кои се високо ценети и можат да донесат сериозна заработка во иднина. Треба сите да бидеме свесни дека со оглед на технолошки развиеното време во коешто живееме природните науки и ИТ вештините се неопходност, а перцепцијата меѓу младите се менува и станува сè повеќе кул да се докажуваш со знаење и да истражуваш нови можности за напредок“, вели Петар Ниновски, основач на образовниот центар Бреинстер и на NU Колеџот за средношколци.
Право на учество на „UltiMATH“ имаат сите редовни ученици во јавните или приватните средни училишта од прва до четврта година. Пријавувањето за „UltiMATH“ е бесплатно и се одвива онлајн на веб-страницата ultimath.mk каде што средношколците го тестираат своето знаење во првата квалификациска рунда која е отворена сè до 26-ти ноември. Организаторите очекуваат силна конкуренција и одмерување на знаењето на над 4.000 средношколци од сите средни училишта во Македонија уште во квалификациите. Онлајн предизвикот се состои од три типа задачи, а најдобрите 350 средношколци продолжуваат во следните четири последователни рунди кои ќе се одвиваат во живо во Ист Гејт Мол на 30 ноември и на 1 декември.
Овие елиминациони рунди ќе ги водат најуспешните натпреварувачи низ неколку фази и формати на тестирања, при што ќе се соочат со различни нивоа на тежина на математички и логички проблеми. Најдобриот математичар, кој ќе триумфира низ сите предизвици, ќе ја освои наградата од 10.000 евра во кеш и 100% стипендија на Next факултетот.
Организаторите најавуваат професионален натпревар, подготвен од искусни математичари, кој ќе ги тестира напредните математички знаења на средношколците. Покрај мерењето на знаењето, натпреварот нуди одлична можност за учење, дружење и забава за сите средношколци од Македонија.
Сите заинтересирани средношколци што ги исполнуваат условите може да се пријават и да добијат повеќе информации на веб-страницата на „UltiMATH“.
Натпреварот инаку е поддржан од голем број средни училишта во Македонија, но и компании, како East Gate Mall, WVP, iBorn, The Beetles, Urban FM, МОФ – Младински образовен форум и други.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

