Македонија
Најмалку два месеца ќе се истражува милионската злоупотреба на социјална помош и социјална пензија: рачно ќе се проверува секое поединечно барање
Социјалните инспектори се на терен и рачно ќе го проверуваат секое поединечно барање за социјална помош и социјална пензија, вели техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, за „Макфакс“. Првичното вкрстување на базите со податоци на Министерството за труд и на Министерството за внатрешни работи покажа 2.252 незаконски исплати оти лицата што добиле помош или социјална пензија имале возила на свое име иако условот е да немаат возила.
„Инспекторите сега проверуваат дали наодите од вкрстувањето на базите ќе се совпаднат со хартиената документација, која задолжително треба да ја имаат центрите за социјална работа. Со оваа проверка ќе се утврди и чија е вината за незаконски исплатените средства, дали се во базите на податоци или кај корисниците оти и тие имаат обврска да ја пријават секоја промена што би настанала по добивањето помош од државата. Манипулацијата е системска, најверојатно се вклучени повеќе лица и токму поради тоа го правиме вонредниот инспекциски надзор. Физички ќе се оди во секој од 30-те центри и нашите очекувања се дека постапката ќе трае најмалку два месеца“, рече техничкиот министер Велковски.
Проверките се почнати во скопските центри, каде што вкрстувањето на базите покажа најмногу злоупотреби. Во Скопје техничкиот министер Велковски извести дека се регистрирани 714 злоупотреби, во Куманово 235, во Прилеп 229, а во другите центри бројката на злоупотреби е под 100.
Неговите претпоставки се дека се работи за милионски суми имајќи превид дека месечно на корисниците им се исплаќаат околу 270.000 евра.
Неколку директори на центри за социјална работа вчера испратија реакција на тврдењата на техничкиот министер, во која побараа извинување од него оти го нарушил интегритетот на вработените, а тој ги обвини за оркестриран напад.
Тврдењата на Велковски за милионски злоупотреби ги демантира досегашната министерска Јована Тренчевска, која во техничката влада е дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика. За неа, обвинувањата се лажни, без информации со завршени записници, факти и докази. Објасни дека во јануари го потпишала меморандумот за соработка со МВР за превенција за злоупотреба на системот за социјална заштита, кој почнал да се применува од февруари. Таа тврди дека досега во секој случај во кој е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување имот, правото на социјална заштита му се укинувало и го враќал паричниот надоместок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

