Македонија
(Видео) На Владата ѝ требаат 61 пратеник, а на граѓаните 80 пратеници, рече Ковачевски пред петочното гласање
На Владата не ѝ требаат 80 пратеници, а Европската Унија го исполни својот дел со потпишување на договорот со ФРОНТЕКС за чист македонски јазик. Ова е ставот на премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на петочното гласање за уставните измени. Ковачевски рече дека Владата ќе опстои со 61 пратеник зашто им се доволни за да гласаат одлуки. 80 пратеници се потребни за граѓаните.
„Вие го поставивте прашањето, 80 пратеници немате. 80 пратеници требаат за европска Македонија. На Владата ѝ требаат 61 пратеник за да може да работи до следна влада. 2/3 мнозинство е императив за секој граѓанин во државата. Кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, туку за граѓаните на оваа држава“, рече Ковачевски.
Според него, десетдневната дебата во Собранието е можност за граѓаните да се уверат дека се работи за процес за остварување на стратешка цел, членство во ЕУ.
„Кога почна процесот, имаше коментари за правење на хистерија дека Македонија ќе била бугаризирана, ќе има асимилација. Ништо не се случи. По една година, имаме чист јазик. Поголема меѓународна потврда за јазикот и идентитетот – нема. Потоа беше побарано гаранции од големите држави дека стојат зад нашиот идентитет. Германија донесе резолуција. И во САД има исто така поднесено резолуција за славењето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Нема поголеми партнери“, додаде тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ се децидни дека уставни промени нема да поддржат.
„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против? Бугарски диктат е најновото. Од ЕУ излегуваат ова не е предлог на Бугарија, туку на ЕУ. Тие кажуваа ќе ја менувале преговарачката рамка, а сега не го зборуваат тоа бидејќи од САД и ЕУ рекоа дека таа е одобрена од сите земји членки како најдобро компромисно решение“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.

