Македонија
На Воената академија почна „Летниот кампус“, ќе учествуваат студенти и питомци од 16 земји
Во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, денеска, во Центарот за обука „Пепелиште“, беше отворен 11. „Летен кампус“, на кој учествуваат 90 студенти и питомци од 16 партнерски и пријателски земји.
На годинешниот „Летен кампус“ учествуваат питомците и студентите од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Хрватска, Италија, Косово, Латвија, Црна Гора, Норвешка, Полска, Романија, Соединетите Американски Држави, Унгарија и од Македонија и за време на вежбата ќе имаат можност да дадат активен придонес во реализација на симулирани мултинационални операции во поддршка на мирот во фаза на стабилизација, реконструкција и градење мир.
На отворањето се обрати заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани кој најнапред на студентите, питомците и на нивните предавачи им посака успешна работа и рече дека летниот кампус нуди прекрасна можност, покрај едукацијата, обуката и размената на искуства и знаења, да изградат и мостови меѓу различните култури и националности и да креираат нови моќни пријателства помеѓу идните офицерите.
„Имам чест да ве поздравам и да ви посакам добредојде на годинешниот ‘Летен кампус’, особено поради двегодишната пауза поради пандемијата на Ковид-19, но и поради тоа што ова е првпат овој кампус да се организира по зачленувањето на нашата земја во НАТО. Овој кампус е уникатна можност да се запознаете, да работите заедно во изнаоѓање решенија за идните предизвици во процесот на градење на мирот во постконфликтни операции како идни лидери на земјите на НАТО“, рече Хасани.
Додаде дека овој проект на Воената академија демонстрира силна посветеност во процесот на градење капацитети, кои ќе се справуваат со новите безбедносни процеси.
„Кампусот е одличен пример за меѓународна соработка и партнерство меѓу земјите во регионот и пошироко, земји кои се долгогодишни партнери посветени на создавањето идни офицери способни да работат во мултинационална и мултикултурна средина“, потенцира Хасани.
Кампусот ќе се реализира во Центарот за обука „Пепелиште“ и на армискиот полигон „Криволак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

