Македонија
На годишен одмор не мораат сите вработени во приватните компании, Инспекторатот за труд ја појасни уредбата
Неискористените годишни одмори од 2019 година, како и првиот дел од одморот за 2020 година, задолжително треба да ги користат само вработените во приватните компании кои ја користат мерката за чување дете до 10 години, бремените и вработените со хронични болести, кои веќе останаа дома поради епидемијата на коронавирусот. Уредбата на Владата, без дополнителни насоки за постапување, ги збуни приватните компании за тоа како и кому треба да му дадат годишен одмор за време на вонредната состојба.
Од Државниот инспекторат за труд за „Макфакс“ објаснуваат дека уредбата не важи за вработените што работат, без разлика дали тоа го прават од дома или, пак, од канцеларија.
„Уредбата не важи за сите вработени во приватните компании, туку само за оние што сега користат некоја од мерките за родители на деца до 10 години, бремени жени или хронично болни и веќе седат дома. Оваа уредба е всушност олеснување за приватниот сектор за да не се доведат во ситуација да мораат двапати да им даваат одмори на некои од вработените. За да не се случи оние што сега седат дома, веднаш кога ќе заврши мерката, да побараат одмор, па работодавците да мораат двапати да ги пуштаат на платен одмор“, објасни Злате Стојановски, раководител во Државниот инспекторат за труд.
Доколку вработените, кои се веќе дома, имаат стар одмор од минатата година, уредбата ги обврзува да го искористат заклучно со 31 мај. Првиот дел, пак, од новиот одмор за 2020 година во траење од две недели треба да го искористат до 30 јуни годинава.
Уредбата не остава простор работниците или, пак, работодавците да не се согласни да се користи одморот.
„Уредбата има сила на закон, нејзиното почитување е императив. Не е оставен простор да избираат ниту вработените дали ќе го користат одморот ниту, пак, работодавиците дали ќе ги пуштат работниците на одмор“, вели Аљадин Хавзиу, директор на Државниот инспекторат за труд.
Вработените што не користат некоја од мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот годишните одмори може да ги користат како и досега, односно стариот одмор од минатата година да го искористат заклучно со јуни, а првиот дел од новиот одмор до крајот на годината. Оние компании што поради работниот процес нема да имаат можност да им дадат одмор на вработените, одморот треба да им го платат.
„Работниците треба да знаат дека по нивен избор може да користат само два дена од годишниот одмор. Кога ќе го користат преостанатиот дел од одморот, законски одредува работодавецот. Ако поради организирање на работниот процес во приватна компанија работодавецот на работникот не му даде годишен одмор, тогаш тој е обврзан да му плати за секој ден од одморот, а за пресметка се зема последната исплатена плата“, објасни раководителот Стојановски.
Тој ги охрабри сите работници да пријавуваат нерегуларности во Државниот инспекторат за труд, кој постапува по секоја претставка.
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, денес на прашање како ќе постапуваат со оние што нема да ги почитуваат уредбите на Владата, вклучително и уредбата за годишните одмори, рече дека за секое непочитување има одредби во Кривичниот законик и дека надлежните институции ќе поднесуваат прекршочни и кривични пријави.
Мерката еден родител на дете до 10 години да остане дома, како и дома да останат хронично болните и бремените, почна да се применува од 11 март со заклучок на Владата.
Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи беше објавена во „Службен весник“ на 4 април. Со оваа уредба Владата ги презема трошоците што компаниите ќе ги направат за трите категории граѓани што останаа дома како мерка за заштита од коронавируост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

