Македонија
На инфективните одделенија во земјата се лекуваат 464 пациенти од Ковид-19

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 464 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
По извештаите на Министерството за здравство, во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во болницата во Штип се хоспитализирани 39 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 13 пациенти, во Велес се лекуваат 26 болни, а во Куманово 77 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во ковид-центарот во Охрид хоспитализирани се 56 пациенти, во Прилеп – 78, во ковид-центарот во Гостивар – 14, а во Струга – 18 лица.
Во болницата во Струмица хоспитализирани се 32 пациенти, во Кочани – 7, во Кичево – 6, во Кавадарци – 52, во Гевгелија – 9 лица, а во Дебар – 13 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата, е 787 и има околу 350 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Додаваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.