Македонија
(Видео) На Спасовски не му треба метла, туку колективно самораспуштање, порачаа од Полицискиот синдикат
Во Министерството за внатрешни работи треба колективно самораспуштање, а не метлата што ја промовира премиерот Зоран Заев, порачаа од Независниот полициски синдикат на денешната прес-конференција пред МВР. Синдикатот јавно побара набавка на нови полициски возила „пинцови“ затоа што животот им е во опасност на полицајците што се превезуваат со старите дотраени возила.
„Познатите ‘пинцгауери’ со кои се превезува посебната единица ПЕП не се сигурни повеќе и тие само треба да стојат паркирани во кругот на полициската станица, а не да се возат, затоа што еден таков ‘пинц’ пред неколку дена изгоре во кругот на МВР. Јасно бараме набавка на нови возила, а вие досега не бевте достојни ниту да ни одговорите. Затоа, ова пригода ја користиме да прашаме до кога ќе се лажеме дека јадеме чоколади, а немаме за леб?“, изјави Дејан Саздов, портпарол на Независниот полициски синдикат.
Според Синдикатот, проблемот лежи во лошите раководни кадри, кои со години не преземаат ништо за подобрување на состојбите во МВР. Гоце Делчев Тодев порача дека треба да има метла за најмалку 20-ина началници за да се очекуваат вистински реформи во полицијата.
„Има раководни лица што ниту една власт не може да ги смени. Повеќе од 30 години седат во фотелјите и не им е грижа за состојбата во полицијата. Министерот треба да се запраша за реалната состојба, а не да верува во лажната слика што тие му ја креираат. Згора на сè, за пропустите на раководителите се казнуваат полицајци со глоба и со дисциплински постапки. Доколку сакаат европска полиција, треба да има вистинска реорганизација“, порача Делчев Тодев.
Од Независниот полициски синдикат посочија дека полицијаците немаат соодветна униформа, а побараа и подобрување на условите на вработените во граничните полициски станици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

