Македонија
На Табановце за излез од Македонија се чека 30 минути

На ГП Табановце за излез од државата се чека до 30 минути, додека на останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
Оттаму препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судството во служба на Заев и Филипче, пресудата за докторката од Онкологија е срамна

ВМРО-ДПМНЕ реагира на одлуката на судот да изрече условна казна од две години за докторка од Клиниката за онкологија и радиотерапија, оценувајќи ја како уште еден доказ дека правосудниот систем работи во корист на власта и елитата околу Зоран Заев и Венко Филипче.
„Судот со оваа пресуда јасно укажува дека човечкиот живот не вреди и дека единствено постапува ако добие насока од ‘центарот’, кој е лоциран во Бихаќка“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат и на случајот со модуларната болница во Тетово, кога животите ги загубија 16 лица, а одговорноста не беше лоцирана кај тогашниот министер за здравство Венко Филипче, туку само кај двајца директори и болницата како правно лице.
„Секојдневно судството покажува дека работи исклучиво по насоки и затоа довербата кај граѓаните е едвај околу два проценти – бројка која реално е на ниво на статистичка грешка. Оваа состојба одговара на Филипче и СДС затоа што судството им служи за заштита, наместо за правда“, додаваат од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, крај мора да се стави на, како што велат, „правосуден систем кој функционира под диригентската палка на Заев и неговата дружина“.
Македонија
(Видео) Герасимовски: „Комунална хигиена“ оставиле контејнери на сред булевар, целиот смет околу контејнерите не го собрале

Градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со општинските хигиеничари и синоќа го чистеа сметот од центарските улици кадешто надлежност има ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје. Повторно, тој и хигиеничарите ја завршија работата на градската власт која очигледно има кренато раце од хигиената во градот, велат од општина Центар.
Герасимовски, истакнува дека дел од контејнерите вчера биле исчистени од ЈП „Комунална хигиена“, но целиот смет околу контејнерите е оставен на улица, а неколку контејнери дури и ги оставиле да стојат сред булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов кадешто се движат возила.
„Повторно сме на терен. Нашите хигиеничари ја завршуваат работата на ЈП „Комунална хигиена“ на Град Скопје, денеска целиот град е хаос. Оваа локација нашите хигиеничари ја чистеле во утринските часови, но повторно е со смет. ЈП „Комунална хигиена“ ги исчистило дел од контејнерите, но сѐ околу контејнерите е оставено и мораме ние сами да завршуваме. Па, дури и дел од контејнерите коишто ги исчистиле ги оставиле сред булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов. Попратно видовме и дел од контејнери коишто се превртени и оставени така со смет. Сево ова нема да го дозволиме, нашите хигиеничари ќе бидат на терен во неколку смени“, рече Герасимовски.
Тој, повторно упати апел до градската власт навремено да си ги завршува своите обврски, и најави дека општината продолжува со чистење и во текот на денешниот ден.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, максималната температура до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.