Македонија
На УКИМ почнува вториот уписен рок за прв циклус студии, останати се слободни места на речиси сите факултети
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје почнува вториот уписен рок за прв циклус студии за учебната 2024/2025, каде што се останати слободни места на речиси сите факултети. Сите заинтересирани може да аплицираат на 17 и 18 септември.
На Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, а на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за редовни студенти што се финансираат од буџетот на Република Северна Македонија, а 110 за редовни студенти со школарина.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за приватна квота се слободни 99 места.
На Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство за редовни студенти што се финансираат од буџетот на РСМ слободни се 59 места, од кои најмногу – 41, на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина слободни се 254 места на ФИНКИ.
452 места за редовни студенти во вториот уписен рок се слободни и на Машинскиот факултет, а на Технолошко-металуршкиот факултет се слободни 238 места.
На Природно-математички факултет за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота слободни се 324 места, а за вонредни студенти слободни се 103 места.
На Економскиот факултет нема слободни места за студенти што се финансираат од буџетот на РСМ, за редовни студенти со школарина слободни се 89 места, а за вонредни 49 места.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ за редовни студенти што се финансираат од буџетот на РСМ слободни се 100 места, за студенти со школарина 323, а за вонредни студенти се слободни 49 места.
592 места за вториот уписен рок за прв циклус студии се слободни и на Филозофскиот факултет, а на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се слободни приближно 300 места за сите насоки, и за редовни и за вонредни студенти.
На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, а за вонредни студенти со школарина се слободни 46 места.
На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти што се финансираат од буџетот на Република Северна Македонија, за редовни студенти со школарина се слободни 73 места, а за вонредни студенти 98 места.
Само 9 места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти што се финансираат од буџетот на РСМ, за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места.
На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, а на Стоматолошкиот факултет само 13 места.
292 места се слободни за редовни студенти во државна квота на Факултетот за земјоделски науки и храна, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти.
На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се слободни 57 места, а на Факултетот за ветеринарна медицина се слободни 52 места.
Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, а на Факултетот за ликовна уметност само седум места.
На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота.
Сите детаљни информации за уписите можете да ги најдете на официјалната веб-страна на УКИМ: http://www.ukim.edu.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

