Македонија
Невладини организации побараа поддршка од јавноста за слободно граѓанско општество
Поддршка од јавноста со цел да се зачува слободата на граѓанинот и граѓанското општество кои се под закана од хајката на актуелната власт побараа во четврток 125 невладини организации.
„Во име на Уставот на Република Македонија, во име на уставно гарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат заради остварување на своите права и уверувања и во име на неприкосновеното право на секој граѓанин да го искаже својот глас и да не биде обележан и осуден за тоа, ве повикуваме да ги поддржите организациите, групите, заедниците и индивидуите кои активно се залагаат за демократските вредности во Република Македонија. Да застанете во заштита и одбрана на граѓанскиот сектор кој 25 години дејствува како контролор и поддржувач на работата на институциите и да го одбраните граѓанското општество кое се залага за почитување на човековите права и слободи“, рече Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ).
Со заеднички настап, граѓанските организации сакаат да потсетат од потребата за заштита, зачувување и унапредување, наспроти заканите кон него.
„Граѓанскиот сектор како важен чинител во општеството беше постојан коректив на сите власти од осамостојувањето на нашата Македонија до денес и страшна е помислата во кој правец може да оди државата доколку овој нејзин столб биде загрозен и ослабен“, рече Кристина Ампева од Здружението Гласно од Штип.
За Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, пак, нападот врз граѓанските организации е напад врз достоинството и угледот на граѓаните кои тука работат, живеат и плаќаат даноци, и се посветени на подобрување на животите на сите граѓани во државата.
Невладините ги отфрлаат како целосно неточни, погрешни и лажни вестите пласирани во јавноста дека граѓанскиот сектор го контролира некаков „центар на моќ“. Велат, во концептот и идејата на граѓанското општество, единствената моќ ја имаат граѓаните./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска се заблагодари за честитката од ЕУ: Со нетпрение очекувам да ја продолжиме соработката
Силјановска Давкова се заблагодари за честитката од ЕУ и порачува дека со нетпрение очекува да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
„Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите. Темелот на мојата на кампања беше градењето на консензус помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики. Нашиот клучен стратешки проект е европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството. Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион“, се наведува во соопштенеито испратено од тимот на Гордана Силјановска Давкова.
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.