Македонија
Неколку стотини полицајци ја бараат исчезнатата Вања: проверени подруми, речното корито на Вардар, околните цркви и манастири

За пронаоѓање на исчезнатото 14-годишно девојче досега се пребарани речното корито на Вардар, сите подрумски простории, не само во околината туку и пошироко, добиени се информации од околните цркви и манастири, извести денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Исчезната Вања Ѓорчевска е најважниот приоритет на секторот за внатрешни работи и посебно формираниот штаб, кој изминативе пет дена е во секојдневна комуникација со родителите, роднините, пријателите и со соучениците.
„Секојдневно се преземаат низа активности. Вклучени се неколку стотини полициски службеници, кои исклучиво работат на оваа проблематика. Предводени се од началникот на секторот за внатрешни работи и од помошник-началниците, целото раководство е насочено кон оваа активност. Преземаме опсежни мерки. Не зборувајќи за детали, опсежни мерки. Искористување на сите можни капацитети за јавната безбедност, кои значат, пред сè, подигнување камери. Нас 50 места со камери се преземени и прегледани. Целосно е во функција системот ‘Сејв сити’, каде што исто така се преземаат мерки. Сите податоци од телеком-операторите, кои може да бидат важни, се прегледани. Десетици и десетици лица се преслушани за информации за овој настан. Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, од некои од нив се земени податоците. Имаме одредени податоци од овие уреди, кои може да бидат од помош на истрагата и целата постапка. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, сите подрумски простори, не само во околината туку и пошироко. Се работеше на пребарување, односно добивање податоци и информации од црквите и манастирите што се во близина на Скопје. Имаме опсежна активност и тука нема да се застане“, рече министерот Спасовски.
Министерот најави дека за исчезнатото девојче ќе информираат на дневна основа и апелира да не се шират дезинформации оти наштетуваат на истрагата. Заедно со јавен обвинител, ќе преземат мерки против сите што досега рашириле лажни вести за што многумина веќе биле повикани во полициските станици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Прочитан си како буквар, не направи ниедна реформа во судството, не те интересира правдата

„Јавно ги прашувам ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, до кога Венко Филипче и СДСМ ќе им бидат криви што не можат да спроведат ништо, ниту една реформа, ВМРО-ДПМНЕ веќе е очајно кога зборува за судството“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче.
„Година и пол наназад поставуваат свои судии, свои обвинители и само го партизираат судството. Нема ништо суштински од спроведувањето на реформите. Јас бев тој којшто понудив рака бев на состанок кај примерот да направиме заеднички работни групи да се спроведе реформската агенда досега не е донесен ниту еден реформски закон од сферата на правосудството“, рече Филипче.
Во изјавата тој додаде дека од вкупно 12 закони кои што требаше да се донесат оваа година, седум од нив до јуни 2025 година и уште пет до крај на годинава – ниту еден, не само што не е донесен, не е ниту поднесен од страна на министерството за правда во Собранието, додаде Филипче.
Очигледно е како што кажа Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го контролира судството.
„Не може партиски портпароли да кажуваат кој треба да биде зад решетки, тоа треба да го каже независно и целосно функционално судство. Тоа го бараат граѓаните.
Сакам да им порачам дека се прочитани како буквар. Еднаш граѓаните тој филм го гледаа со партизирано судство кога го користеа да се закануваат да го користат политички, да го користат како инструмент за политички прогон. Репризата во филмот ниту некој сака да ја гледа, ниту пак поминува и сметам дека граѓаните треба да ги казнат на изборите за ова однесување“, изјави Филипче.
Македонија
За формирање многудетно семејство потребен е достоинствен приход, Мицкоски ги уништи приходите, велат од СДСМ

Додека Мицкоски продолжува да ги убедува граѓаните дека треба да имаме многудетни семејства, неговата Влада прави сè за да не им го овозможи тоа. Мицкоски, кој доаѓа од високата класа и има часовници од 60.000 евра и бизнис од 10 милиони евра, не може да разбере дека за одгледување на повеќе деца се потребни пари и услови, реагираат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски кажа дека формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин.
Од СДСМ прашуваат, знае ли Мицкоски дека според последните статистики дури 22% од децата живеат во сиромаштија?
„Наместо да работи на политики за зајакнување на стандардот, покачување на платите, обезбедување поддршка за мајките и жените, наместо да се бори со конкретни механизми за да ги мотивира младите брачни парови да имаат деца, тој им беседи за патриотизам.
На Мицкоски треба да му е јасно дека сите сакаат деца, но за да се имаат повеќе деца потребно е родителите да се чувствуваат сигурни, со стабилни приходи и да живеат во перспективна држава. Ништо од тоа не е Македонија на Мицкоски во овој момент.
Граѓаните се иселуваат, перспективата не постои, платите не растат, економијата тоне. Владее несигурност како никогаш досега. Улиците не се безбедни, има убиства секој ден. Во ваква држава, џабе се пораките на Мицкоски за патриотизам“.
Патриотизам, како што оценуваат од опозициската партија, е да се бориш за луѓето, за секое семејство, да ги покачуваш платите, а не да ја штитиш олигархијата.
Македонија
Шукова: „Вардариште“ ќе стане современа претоварна станица, а не дива депонија

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска изјави дека Вардариште ќе добие конечно и трајно решение како дел од планот за Скопје без диви депонии.
„Вардариште мора да се затвори како дива депонија и да се уреди како претоварна станица по европски стандарди,“ истакна Шукова.
Таа нагласи дека изминатите четири години на оваа локација не биле преземени никакви интервенции, што резултирало со сериозни еколошки и здравствени последици за граѓаните.
Во нејзината програма е предвидено Вардариште да се огради и обезбеди со 24/7 чуварска служба, да се исчисти и уреди, да функционира како регуларна претоварна станица со селекција на отпад и да биде дел од интегриран систем за управување со отпадот во Скопје.