Македонија
Нема договор за минималната плата, ќе се дефинира официјална потрошувачка кошница, велат од Организацијата на работодавачите
Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.
Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска посочи дека телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.
„Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална, ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Се дискутираше на неколку теми, меѓу кои и минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.
Според неа, не бил прифатен предлогот Владата да субвенционира дел од социјалните придонеси за да се зголемат платите.
Пред седницата на ЕСС работодавачите рекоа дека е можно минималната плата да биде и повисока од 450 евра ако Владата субвенционира дел од придонесите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“
Имаме и ние „Ќаци“ препишувачи. Ова безидејно ДПМНЕ целосно го копира Вучиќ, реагираат од СДСМ, на изјавата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ објавува соопштение дека Никола Груевски од Будимпешта ги води и им пишува што да кажат, праќа денеска соопштение ДПМНЕ „Заев од Дубаи“ ги пишува текстовите на СДСМ. Вчера СДСМ објави соопштение со наслов „Децата на Орбан“, ВМРО-ДПМНЕ излегува со соопштение „Децата на Заев“. СДСМ објавува соопштение „кога крадецот вели држете го крадецот!“. Томовски се јавува и ги употребува истите зборови „крадецот вели држете го крадецот“. Она што на сите им е одамна познато е дека Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“. Ама во ВМРО-ДПМНЕ очигледно не ја разбрале добро улогата на Светите Кирил и Методиј и нивните школи, како ни улогата на Климент Охридски. Тие се поблиски до препишувачката Ресавската школа. Бадијала им е на македонските „Ќаци“ препушувачи, граѓаните знаат и гледаат. Криминалот е на виделина. Сите ќе одговарате од прв до последен“, пишува во реакцијата.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.

