Македонија
Нема исплата на плати во јавно здравство, од понеделник штрајкува Фондот за здравство
Сите исплати од Фондот за здравствено осигурување ќе запрат в понеделник поради штрајк на вработените. Тие не се согласни да им се намали платата за 21 отсто, како што препорача Владата. Управниот одбор неделава се состана, по шести пат месецов, за да донесе одлука за платата, но иако состанокот траеше со саати, одлука не се донесе. Претседателот на Синдикакото на Фондот, Бранко Аџигогов вели дека нема ниту одлука ниту, пак, повторно се состанува Управниот одбор.
„Нема одлука ниту за намалување на платата, како што препорача Владата ниту пак таа да остане на исто ниво. Цел месец доаѓавме на работа, а не знаеме за каква плата работиме затоа одлучивме штрајкот да стапи во сила. Од понеделник нема да работи ниту една подрачна единица. Ќе се извршуваат само нужни и неопходни работи. Се ближи пресметковен период за плати, но ќе штрајкуваме се додека не се донесе одлука да не се намалуваат платите“, вели претседателот на Синдикатот Аџигогов за „Макфакс“.
Од понеделник шалтерите на Фондот за здравствено осигурување ќе бидат отворени за пријава малолетно лице како член на осигурување, за регулирање на осигурување на хоспитализирано лице и за лекување во странство на итни случаи.
Во сите подрачни единици само по едно лице ќе биде задолжено за прием на документи.
Вработените во Фондот се одлучија да го активираат штрајкот кој пред крајот на минатата година беше ставен во мирување оти Владата на 4 јануари испрати препорака со која платите на сите вработени се намалуваат за 21 отсто. Се пожалија дека по неколку месечни преговори, во декември првпат зеле плата зголемена за 15 отсто, а сега Владата бара платите да им се намалат за 21 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста до 9 часот во четирите општини е 1,12 отсто
Државната изборна комисија на својата веб-страница објави дека до 9:00 часот утринава, излезноста на гласачите во четирите општини каде што се одржуваат повторени избори за градоначалник е 1,12%.
По општини:
– Врапчиште – 1%
– Гостивар – 0,93%
– Маврово–Ростуше – 2,89%
– Центар Жупа – 0,75%
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на прес-конференција кажа дека на избирачките места кои се отворени навреме, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии. Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а едно избирачкото место во Ќафа не е воопшто отворено.
Денеска се гласа на вкупно 215 избирачки места, а право на глас имаат 128.286 избирачи.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.

