Македонија
Нема фер пристап на референдумот ако цензусот се книжи како „против“
Поважно од карактерот на референдумот е фактот дали политичките партии ќе ги почитуваат резултатите, велат експретседателот на Собранието, Стојан Андов, и политичкиот аналитичар и комуниколог Петар Арсовски за „Макфакс“.
„Рефрендумот е консултативен или обврзувачки зависно од резултатите. Ако политичките партии се обврзат дека ќе ги почитуваат резултатите од референдумот, тогаш не е важно дали е консултативен или обврзувачки“, смета Арсовски. „Тоа е поважно од тоа дали ќе го именуваме задолжителен, облигаторен, консултативен итн… Она што е важно е дали двете страни имаат подеднакви шанси да добијат победа на тој референдум и дали политичките елити по тој референдум ќе ја почитуваат таа одлука“, вели тој.
Андов вели: „Ако мислат дека еден консултативен референдум може да служи како основа за намерата за политиката што се води, тоа треба да се прифати“.
На прашањето дали е доволно чесно референдумското прашање, Андов е дециден: „Тоа прашање треба да го разреши референдумот и тоа е од интерес на секој граѓанин и не треба да ги збунува луѓето. Нека бидат против, ама нека излезат сите“.
Аросвски вели дека договорот со Грција не може да се расчлени во 50 референдумски прашања бидејќи е комплесно прашање кое содржи повеќе делови: „Тоа мора да биде некаков пакет. Мислам дека во оваа смисла, добро е прашањето да се врзе со НАТО и ЕУ, бидејќи имаме јасна порака дека тоа е услов“.

Во однос на цензусот, Арсовски смета дека е правен без статистички податоци. „Ние не знаеме колку луѓе всушност се во Македонија, бидејќи сме немале попис и не знаеме дали тој цензус од 51% воопшто може или не може да се достигне. Второ, кај референдумот цензусот е глупост затоа што им ја прави двојно полесна задачата на оние кои би гласале ‘против’. 200 илјади луѓе кои инаку би гласале ‘против’, може да надгласаат одлука од 700 илјади луѓе кои би гласале ‘за’, со тоа што ќе останат дома. Главната поента на референдумот е да им даде на двете страни подеднаква шанса“, додава политичкиот аналитичар.
„Мицкоски тврди дека мнозинството Македонци се против договорот. Тогаш, зошто бојкот? Заев се обврза дека ако има и само 1 глас повеќе ‘против’, ќе се повлече. Сè додека цензусот се книжи како глас ‘не’, сè додека апстинентите ги книжиш како глас ‘не’, ниедна страна нема да има фер пристап. Единствен фер пристап за двете страни е игнорирање на цензусот“, смета Арсовски.
За првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, многу е важно во организацијата на политичките активности од распишувањето на рефрендумот до одржувањето да бидат вклучени сите партии, заедно со оние од опозицијата. „Потребно е сите партии да постигнат договор за една генерална кампања за успех на овој референдум. Ова е потребно заради народот, а не заради партиите. Партиите треба да му служат на народот“, вели Андов.
„Ова е шанса граѓаните да кажат што мислат. Идејата за бојкот и неуспех на референдумот е дефетистичка. Таа идеја го поразува народот, а не го поразува политичкиот противник“, вели Андов и додава дека ако е можно да се примени истиот цензус на референдумот како и оној за изборот на претседател на државата, тоа би било добро. „Опозицијата мора да биде чесна кон својот народ. Не смее да му пречи да излезе. Треба да го мотивира да излезе, а тие што се против, ќе се мерат со оние што се ‘за’“, заклучува Андов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска за Груби: ДУИ го спасува Мицкоски
Секој што го прекршил законот мора да одговара. ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување. После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
СДСМ, како што рече, ова го најавиле уште во декември 2024 година.
„Сега само се потврди пред очите на македонската јавност. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никакви оддговори.
161 тендер за семејна фирма на Томовски, 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, 74 тендери за „Ленди Груп“, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ“.
Според Кузеска, сите тендери водат до најтесниот круг околу Мицкоски а повеќе од 80 дена нема реакција од обвинителството.
„Повеќе од 20 денови нема одговори за 5 тони дрога, нема одговори за сликите со Симе, за Адамовиќ. Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата но ќе добијат театар, како денеска.
Нема борба против криминалот и корупцијата. Станува збор само за договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски.
Сакаше да се претставува како чесен, но по бројните скандали, скапите часовници и луксузирањата на грбот на народот со авион веќе е прочитан од граѓаните.
Copy-paste по рецепт на Вучиќ, кој секогаш кога е во пад највува некое апсење. Немаат одговор на скандалите, веднаш прават дефокус“.
Се отвори прашањето, додава таа, кој од актуелните функционери во Владата на Мицкоски ќе одговара и затоа, според неа, им е потребен Артан Груби.
Цела, како што оценува, е повторно да се поврзе СДСМ со ДУИ.
„Како што се поврзуваше кампањата со марихуаната од Струмица, како што имавме можност да видиме и со оваа најава на Жан, со купишта натписи пред неколку недели за наводна поврзаност меѓу СДСМ и ДУИ. А вистината е дека ВМРО-ОКГ се во дил со ДУИ. Власта го презема судството и обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО сега е вистинско време Груби да се предаде. Кој се смее кога го апсат? Како нема ниту една камера од 65 илјади за 5 тони дрога а има камери за Груби? Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“.
Македонија
СДСМ e нервозeн поради апсењето на Груби, стравува од откривање афери, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ верува дека во СДСМ владее нервоза и фрустрација поради апсењето на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и дека постои страв оти тој би можел да изнесе информации поврзани со, како што наведуваат афери и криминали во кои учествувале поранешни владини функционери.
„Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ се обидува да ги затскрие трагите и на тој начин да се спаси себе си.
Слично размислува и ВЛЕН. Оттука претходно истакнаа дека во ДУИ владее нервоза затоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан, за кого велат дека е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ.
Груби кој беше вицепремиер во периодот на владеењето на СДСМ и ДУИ, беше упасен утрово на граничниот преним Блаце, на влез во Македонија поради сомневања за криминал во Државна лотарија. Во бегство беше една година.
Македонија
Мојсоска: Кој не ги виде машините во изворот што ја снабдува Струга со вода?
Кои институции ’не го виделе’ копањето и машините во самиот извор кој ја снабдува цела општина Струга со вода, прашува пратеничката од Левица, Јована Мојсоска преку социјалните мрежи, посочувајќи дека според член 100 од Закон за минерални суровини јасно е утврдено кој е одговорен за надзорот над експлоатацијата на минерални суровини.
Во објавата таа ги посочува Државениот инспекторат при Министерство за животна средина и просторно планирање, инспекциските служби во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и ОЈО Струга.
„Ниту обвинителите во Струга, ниту МВР ’не знаеле’ и ’не виделе’ дека машини се поставени во самите извори, во населено место и дека копаат без концесија/ со истечена концесија (според официјалните информации од ОЈО Струга). Улогата на обвинителството и МВР е превентивна (а не откако ќе се случи екоцид) – ама вработувањето на клатоглавци го зема својот данок“, пишува Мојсоска.
Дополнително Мојсоска поставува прашање во врска со постапувањето на терен. Таа посочува дека ОЈО Струга официјално известило дека „додека на терен собирале докази, ги затекнале машините на двете фирми кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите”. Во таа насока прашува зошто не се одземени машините од фирмите со кои се фатени во вршење кривично дело, како што предвидува член 100 од Закон за минерални суровини.

