Македонија
Не коментирам пораки од Мицотакис, и ние и соседите би можеле да се однесуваме пријателски, да бидеме малку Скандинавци, порача претседателката Силјановска-Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова не сака да ги коментира најавите за вето од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за евроинтеграција на земјата, но смета дека и ние и соседите може да се однесуваме поинаку. Одговарајќи на новинарско прашање денес на одбележувањето на Денот на Европа, претседателката Силјановска-Давкова рече дека во преспанскиот договор има механизми, почнувајќи од укажување па сè до обраќање до генералниот секретар на Обединетите нации, како и можност за постапка пред Меѓународниот суд на правдата за непочитување на договорот. Претседателката потсети дека тоа е истиот суд чија пресуда Грција не ја почитуваше, но сепак е механизам што постои и е гарантиран за секоја членка.
„Јас не можам да го спречам во тоа. Точно е дека преспанскиот договор е дел од преговарачката рамка, но не мислам дека тоа е во духот на развивањето на пријателските односи. Јас мислам дека и во традиционалната дипломатија можеби е добро да погледнеме, да фрлиме поглед врз културната дипломатија. Таму на поинаков начин ги решаваат проблемите. Мислам дека и ние со соседите би можеле, во пријателски дух, да се обидеме да се однесуваме на поинаков начин. И денеска тоа го кажав, малку да бидеме Скандинавци“, рече претседателката Силјановска-Давкова.
Грчкиот премиер Мицотакис во неколку наврати на јавните настапи во Грција укажа на дека европскиот пат на нашата земја минува низ Грција и може да биде затворен ако не се почитува преспанскиот договор.
„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат што поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“, рече грачкиот премиер Мицотакис откако претседателката Силјановска-Давкова, давајќи заклетва во Собранието, не ги изусти зборовите Република и Северна, туку кажа само Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ го осуди именувањето на Богојевски за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови: Ова е провокација

„Демократската унија за интеграција најостро ја осудува одлуката на Владата за именување на Петар Богојевски за раководител на Агенцијата за европски образовни фондови – институција што има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, а не да ги навредува и понижува“, велат од ДУИ.
„Именувањето на човек кој целата своја јавна и политичка кариера ја изгради со навреди и омаловажување кон Албанците, претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјава.
Посебно иронично и трагично е тоа што истиот овој поединец беше предмет на кривична пријава токму од партиите на Влен во Владата – а денес, со нивна поддршка, е награден со водечка функција.
Овој чин е јасен сигнал: навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку и се наградуваат со државни позиции.
Тоа претставува опасна порака дека секој што сака да гради политичка кариера, доволно е да ја понижува албанската заедница.
Дополнително, доверувањето на управувањето со европски фондови на човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ, кои ги финансираат овие програми.
ДУИ повикува на итно повлекување на оваа срамна одлука и враќање на сериозноста во процесите што се однесуваат на европската интеграција, образованието и соживотот.
Владата не смее да си дозволи да ја претвори државата во сцена за евтини провокации, на штета на соживотот и европската перспектива“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
„Последната песна ја снимавме неколку дена пред да загине“: се огласи Врчак по загубата на Андреј од ДНК во трагедијата во Кочани

Последната песна со Андреj. Јас до вечерва не можев да слушам музика, пишува Раде Врчаковски – Врчак кој беше добар пријател со членовите на бендот ДНК.
„Не можев ниту на фејсбук да гледам ништо. Уште не можам, уште закрепнувам. Ама пред малку ја пуштив да ја слушнам последната песна со Андреј што ја снимавме неколку дена пред да загине – кога му го слушнав гласот ме врати во живот. Цела љубов и позитивна енергија на Андреј ми се врати во душата, а цела тага ми се претвори во уште поголема љубов“, пишува Врчак по трагедијата во Кочани.
Македонија
Политика, мито и корупција има позади пресудата за смртта на Теодора, оценува семејството Ристовски

Семејството на Теодора Ристовска која беше смртно прегазена во 2022 година иразува благодарност до јавноста, медиумите и премиерот Христијан Мицкоски за навремената реакција како што велат и поддршката за случајот за нивната сестра и ќерка.
„Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како “Кој е следен” немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само 2 години затвор за убиецот на сестра ми Теодора“, вели семејството Ристовски.
Оценуваат дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели.
„Уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски, која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати. Се надеваме дека будно ќе продолжите да го следите судскиот процес за нашата Теодора“, порачува семејството на Теодора.