Македонија
Не молчевме за корупцијата, а чистевме и во сопствениот двор – Тошковски за сработеното во досегашниот мандат
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната конференција за новинари посветена на сработеното во досегашниот мандат потенцира дека со преземањето на министерството затекнале нефукционален систем, институција без јасна организација, без услови за работа со изгубена доверба кај граѓаните и нагласи дека таква слика на тага и немоќ не смее никогаш повеќе да се види.
„Бандите дивееја, а државните институции молчеа. Пасоши се чекаа со месеци, границите беа хаос, сообраќајот без контрола. Вработените во МВР беа без опрема, без поддршка, без достоинство. Едноставно, така не може да функционира една држава. И така не смее никогаш повеќе да биде! Нашата земја заслужува многу повеќе од тоа“, потенцираше министерот Тошковски и образложи дека целата мината година е потрошена на стабилизација на институцијата и системот во која сепак се постигнати резултати кои претходно не се постигнати со години наназад.
„Дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец, било која мрежа, било која коруптивна структура. Дојде време да си ја вратиме довербата во институциите. Во изминатата година, разбивме 14 организирани криминални групи. Во нив имаше над 200 сторители, а меѓу нив и една брутална група вмешана во девет убиства, изнуди, палења и напади врз полициски службеници. Ова е доказ дека државата си ја враќа силата и нема да толерира никакво насилство. Оваа влада, ова министерство, нема да седи со скрстени раце додека криминалот ни ги уништува животите. Ние сме тука за да го заштитиме секој граѓанин“, дециден беше министерот Тошковски истакнувајќи дел од постигнатите резултатите.
Министерот за внатрешни работи Тошковски за борбата со дрогата истакна дека се откриени над 860 кривични дела и фатени над 430 килограми наркотична дрога, спречени три обиди за меѓународен шверц, рекордна заплена на кокаин од над девет килограми и запленети над шест тона марихуана од компании за производство на канабис заради злоупотреби и истакна дека за правдата веќе нема недопирливи и секој што ќе се обиде да искористи туѓа ранливост за лична корист, ќе се соочи со институциите и со законот.
„Во делот на корупцијата, не молчевме. Поднесовме кривични пријави против 107 лица и 18 фирми. Се работи за корупција во здравството, енергетиката, даночниот ситем, па дури и во безбедносниот сектор. Овие коруптивни шеми резултирале со штета од над 17 милијарди денари за државата. Ова не се апстрактни бројки, тоа се украдени пари на граѓаните, злоупотребени од поединци што мислеле дека државата е нивна приватна каса. Но времињата се сменија. Ние почнавме да ги враќаме тие средства онаму каде што припаѓаат – во државниот буџет“, рече министерот Тошковски нагласувајќи ги резултатите за борба со корупцијата.
Министерот за внатрешни работи зборуваше и за борбата со илегалната миграција, борбата со криминалците и нечесните во редовите на МВР, активностите за подобрување на состојбата со сообраќајот.
„Чистиме и во сопствениот двор. Отворивме над 230 постапки против вработени во МВР кои не си ја вршеле работата како што треба. Во делот на миграцијата спречивме над 6.000 обиди за нелегален влез, откривме 64 случаи на криумчарење и разбивме меѓународни мрежи кои носеле мигранти. Работиме секојдневно со ФРОНТЕКС и нашите меѓународни партнери и резултатите се видливи. Проектот Безбеден град е нашата одлучна мерка. Камерите ќе регистрираат, системот ќе постапи. Нема повеќе селективна правда. Нема човечки фактор за тоа дали некој ќе биде санкциониран или не. Само вака можеме да спасиме животи. И ќе го направиме тоа, по секоја цена”, дециден беше министерот Тошковски продолжувајќи за системското подобрување на условите за работа во министерството, процесите на дигитализација и унапредување на услугите за граѓаните.
„Го реновиравме Центарот за обука во Идризово, отворивме нов К9 центар, пуштивме во употреба мултимедијален едукативен центар, отворивме нови управни служби во шест општини. Ова не се само згради, туку инвестиции во иднината на полицијата и во квалитетот на услугите за граѓаните. Започнавме и со изработка на проектна документација за изградба на нови и реконструкција на постоечки полициски станици, а во наредниот период ќе се посветиме и на нивната реализација. Обезбедуваме современа опрема, возила, униформи и дигитални решенија затоа што професионалното полициско работење бара современи алатки и стабилна поддршка“, истакна Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Тошковски на крајот нагласи дека довербата која ја даваат граѓаните не е привилегија туку обврска и дека изминатата година беше првиот чекор кон враќање на редот, правдата и одговорноста во системот, а во наредниот период ќе се продолжи уште посилно и уште поодлучно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на потпишување на договор со меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ – Младите и спортот се приоритет на Владата
Сите ние сме свесни дека демографијата претставува општ европски проблем и затоа ни е многу важно младите од најрана возраст да ги образуваме, да ги научиме дека иднината е во нив и дека така како што тие ќе израснат таква иднина ќе имаат и ќе остават за нивните потомци, за тие коишто некогаш ќе бидат млади како што се тие денес, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Спортот, вели Мицкоски, остана во мене, никогаш не излезе од мене и затоа како Влада откако го направивме преструктуирањето на Кабинетот, формиравме за првпат Министерство за спорт и се учиме заедно со Борко како е да се биде Министерство за спорт бидејќи до пред оваа Влада беше агенција.
„Но, мислам полека, но сигурно ги поминуваме оние првични предизвици и веќе застануваме на шини и почнуваме да функционираме како институција којашто треба да биде главна потпора на спортот не само во државата туку и во регионот.
Со овој настан ние правиме синергија помеѓу овие два приоритети на Владата тоа се младите коишто треба да учат витештво, коишто треба да учат фер-плеј, да го почитуваат противникот, да се учат на тимска игра бидејќи во ера на социјални медиуми сето она коешто го гледате не е животот, животот е многу борба, животот е тимска игра и ако сакате да бидете успешни ќе морате да се научите на овие работи.
Да постојат и индивидуални спортови, но генерално јас го сфаќам животот како една заедничка тимска игра и како дружење и поддршка да бидеме едни на други.
Јас сум убеден дека овие десетици илјади млади деца коишто во месеци коишто следат ќе се натпреваруваат низ училиштата во земјата ќе израснат во луѓе коишто достоинствено ќе си ја промовираат и љубат својата татковина, а и истото тоа ќе го пренесат на оние генерации коишто понатаму ќе се борат низ училиштата во државата“.
Убеден сум, додаде тој, дека младите коишто доаѓаат до тука ќе бидат достоинствени претставници на македонскиот спорт на финалните игри во Сплит ова лето во август месец.
Македонија
(Видео) 73,2% ученици- пушачи не биле спречени да купат цигари поради возраста, ИЈЗ спроведе истражување 7,8 и 9-одделенци
Од 2002 година, откога се прават истражувања за пушење меѓу учениците, во 2024 година е забележан највисок процент на ученици кои пушат, најголем борј ученици и покрај тоа што се малелетни, кажале дека не им бил побаран документ за идентификација кога си купувале цигари и енормно расте бројот на ученици кои користат електронски цигари, покажа последното истражување на Институтот за јавно здравје за употребата на тутун и тутнски производи кај младите спореведено со поддршка од Светската здравствена организација како дел од глобално истражување за пушењето кај учениците од седмо, осмо и деветто одделение. Истражувањето кај нас е спроведно во 75 училишта, а учествувале 4.706 ученика.
„Податоците од истаржувањето покажуваат дека 13,6 % од ученицит ена возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ и тое е највисоката преваленца досега регистрирана во нашата држава. Вкупно 10% од нив користат електронски цигари што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Дополнително загрижувачки се податоците дека дури 57% од младите биле изложени на тутунски чад во домот, додека 55,4 % биле изложени на чад во затворени јавни простории. Во однос на достапноста на тутунските производи ова истражување покажува дека 73,2 % од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст“, рече министерот за здравство Азир Алиу.
Резултатите од ова истражување министерот Алиу вели дека се основа на новиот предлог-Закон за забрана на пушењето чија цел е да се денормализира пушењето преку четири столба.
Првиот столб е целосна заштита од пасивно пушење, без чад и без аеросоли во затворени и работни простории. Заштитата важи и за аеросоли од електронските цигари чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана.
Втор столб е намалувањето на привлечноста односно предлог – Законот забранува продажба на производи што содржат карактеристични ароми кои создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект различен од природниот тутунски профил како што се овошни, слтки, ментол и други вкусови кои ја маскираат штетноста и го оследнуваат првото пробување. Тие ќе бидат забранети за продажба кај нас со предлог- Законот.
Третиот столб се однесува на ограничување на маркетингот и изложувањето. Министерот Алиу вели дека ќе се стави крај на таргетирањето на младите преку социјалните мрежи, преку инфлуенсери игри и други дигитални форми. Тутунските и никотинските производи повеќе нема да бидат јавно изложени туку во затворени ормари.
Четвртиот столб е ограничување на достапноста и засилена контрола на продажаба за малолетници.

Новиот Закон ви дозволува да пушите ако сакате, само ве спречува да пушите онаму каде што може да им наштетите на други, рече претставниот на СЗО, Али Аким
Претставникот на Светската здравствена организација (СЗО), Али Аким, кажа дека глобално 14.000 деца на возраст од 13 – 15 години сега пушат тутун, а зависноста не треба да биде нешто со кое почнувате во адолесценцијата. Аким смета дека нашата земја мора да се повести посебно на тоа што тутунот е насекаде и е дозволен, што ќе се надмине со новиот предлог – Закон за забрана на пушењето.
„Законот ви дозволува да пушите ако сакате, само ве спречува да пушите онаму каде што може да им наштетите на други“, рече претставниот на СЗО, Аким.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, вели дека истражувањето покажало три важни работи одноно дека никотинот кај младите останува значаен предизвик , дека зема се поголем замав и ја менува сликата на зависности кај адолесцентите и дека изложеноста на чад преку пасивно пушење, влијанието на маркетингот и достапноста на производите за малолетни лица се уште претставува сериозен системски предизвик кој треба да биде во државните приоритети за решавање.
Македонија
Левица: Доцни исплатата за породилно отсуство
Цел месец нема исплата на надомест за породилно отсуство. Мајките кои се на породилно отсуство, жени што родиле, кои се во најчувствителниот период по породување, се оставени без средства што им следуваат по закон, велат од Левица.
„Во држава со мизерни плати и сѐ поскап животен стандард, каде голем дел од семејствата едвај го туркаат месецот, вакво доцнење не е банална административна грешка, туку сериозен удар врз егзистенцијата. Најпогодени се самохраните мајки и семејствата каде мајката е единствениот вработен или носител на приходот. За нив, породилното не е додаток, туку основа за преживување“, велат од партијата.
Според Левица, особено лицемерно е што истата таа власт секојдневно зборува за демографија, за зголемување на наталитетот.
„Не може да повикувате на раѓање деца, а да не сте способни навреме да исплатите породилно. Не може да се гради демографска политика со празни флоскули додека мајките чекаат на исплата до последен ден од месецот. Доколку Владата има капацитет навреме да исплаќа функционерски плати и привилегии, тогаш мора да има капацитет и навреме да ги исплати мајките. Сѐ друго е доказ за погрешно поставени приоритети“, велат од партијата.
Левица бара итна исплата на заостанатото породилно и јасен одговор од надлежните – дали станува збор за финансиски проблем, лошо буџетско планирање или елементарна неспособност.

