Македонија
Не треба да чекаме некој да биде убиен, и моите деца тука поминуваат – Ангелов бара поширок пешачки остров во Ново Лисиче
Поширок пешачки остров на крстосницата на булеварите Србија и Видое Смилевски-Бато во Ново Лисиче денес побара директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. За овој проблем, вели дека добил пријава од граѓани, но и лично ги поддржува оти живее во близина.
„Добивме пријави од загрижени граѓани, на кои се приклучувам и јас бидејќи живеам овде во непосредна близина. Имам две малолетни деца, кои со велосипедите возат и на ова подрачје. Пешачкиот остров зад мене е исклучително тесен и на него кога ќе застане човек со велосипед, невозможно е целиот велосипед да се собере, односно предното или задното тркало останува на коловозната лента, освен доколку велосипедистот не го искоси велосипедот. Булеварот Србија е исклучително фреквентен, на крстосницата со Видео Смилевски-Бато возачите често возат со брзина поголема од дозволената и при движење право и при вртење во лево. Овој пешачки остров е многу фреквентен со пешаци затоа што овде луѓето од Ново Лисиче, кои се движат кон Аеродром, постојано застануваат, а семафорот е кус. Се случува по десетина-петнаесет па и повеќе луѓе да стојат на ова тесно и небезбедно место. Ако на тоа додадеме неколку велосипедисти, а често има и родители со колички со бебиња, се создава метеж на овој пешачки остров и граѓаните се изложени на зголемена опасност“, рече директорот Ангелов.
Потсети дека проблемот постои 30 години, но смета дека сега е поизразен оти во Реонскиот центар Аеродром живеат илјадници луѓе. Иницијативата до Град Скопје за проширување на пешачкиот остров ја поднел денес и очекува брза реакција од Градот.
„Може да се изведе многу едноставно со поставување пластични столбови и скратување на коловозните ленти, како што тоа се направи на повеќе места во градот, особено онаму каде што имаме велосипедски патеки. На стотина метри од овде во тешка сообраќајна несреќа една жена загина, а потоа се постави семафор. Не треба да чекаме некој да биде згазен, некој да биде убиен и да загине на ова место за да се поведе ваква иницијатива“, вели Ангелов.
Тој ги повика граѓаните да пријавуваат вакви и слични проблеми на бројот 112 во ЦУК, од каде што тие ќе го проследат барањето до Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

