Македонија
Николовски: Дополнителна поддршка за производителите на јачмен од 12.000 денари по хектар
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска од Свети Николе пред земјоделците производители на житни култури ја најави новата дополнителна мерка за остварено производство на јачмен.
Новата дополнителна субвенција за производителите на јачмен доаѓа како предлог и заедничка иницијатива на министерството и на подсекторската група за жито, при редовните состаноци во министерството.
„12.000 денари по хектар, без скалесто субвенционирање, добиваат производителите на јачмен, кои своето производство го имаат продадено во домашни преработувачки капацитети, домашни фарми, или пак го искористиле во сопствените фарми. Притоа остварувајќи минимален приност од 3.000 кг/ха. Оваа мерка ќе важи до 31 август 2023 година. Токму ова беше нашата цел со Националниот план за производство на храна, што го донесовме минатата година. Поголема поддршка на земјоделците за да имаат квалитетно производство, поголем принос, насочувајќи го домашното производство кон домашните преработувачки капацитети. Оваа мерка е само континуитет на оваа наша цел“ изјави министерот Николовски.
Националниот план за производство на храна го стабилизира домашното производство на храна, дава јасна насока на земјоделците кои култури се значајни за државата, преку конкретни мерки ги мотивира земјоделците да произведуваат значајни култури и да го зголемат приносот и го насочува домашното производство во домашните преработувачки капацитети.
„Ние како министерство нашата задача ја завршивме, обезбедивме поддршка и мотив за секој од вас, да вложи и го зголеми приносот. Сега на ред се откупувачите да го откупат, а земјоделците да го предадат или искористат за сопствени потреби, домашниот јачмен. Имаме доволно домашни количини јачмен, и за производство, и за извоз, нови узвезени количини не ни се потребни“ изјави министерот Николовски.
Министерот Николовски истакна дека повторно ќе имаме успешна година, со највисока откупна цена во регионот. Тоа можеме да го постигнеме само ако соработуваме, го почитуваме и му дадеме предност на домашното производство. Бидејќи така е чесно и фер кон сите граѓани, од чии буџет се реализира секоја поддршка во земјоделството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

