Македонија
(Видео) Николовски назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција
Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска беше назначен за претседавач на Антикорупциската деловна коалиција за борба со корупцијата. Оваа платформа, која дејствува по примерот на Кралството Холандија и воспоставени позитивни практики во Албанија, ќе дејствува во насока на постигнување реални резултати в година. Со назначување на вицепремиерот Николовски на претседавачката функција ќе се постигне подинамична борба против корупцијата, а преку воведување успешни меѓународни практики.
Николовски посочи дека Антикорупциската деловна коалиција има цел да промовира атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во Република Северна Македонија, кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување.
„Оваа Влада покажа силна заложба за борба против корупцијата токму со воведувањето на новата функција во Владата, на која сум поставен јас, а што е резултат на нашата силна определба за воведување систем што генерира и испорачува правда, правна држава ред и поредок. Отворивме фронт против криминалот и корупцијата во секоја сфера од општеството. Во целиот процес важни ни се сите – институциите, бизнис-секторот, медиумите, невладиниот сектор, односно сите алки во општеството за да обезбедиме редот и законот да важат за сите. Во антикорупциската деловна коалиција за која релевантните фактори ме избраа и назначија како нејзин претседавач заеднички ќе работиме на создавање услови за атрактивна деловна клима преку добро управување, застапување и одобрување на најдобрите меѓународни практики за интегритет и зајакнување на капацитетите меѓу јавните и приватните институции во државата, кои се клучни во градењето на одговорно деловно однесување“, изјави вицепремиерот Николовски.
Претставникот од Антикорупциската бизнис-коалиција, Габриела Кулебанова, истакна дека коалицијата има цел заедничка акција на надлежните институции и спроведување мерки и активности за унапредување на доброто владеење и јакнење на културата на интегритет.
„Денешниот настан има цел да ја официјализира поддршката на Владата со цел интензивирање на активностите на Антикорупциската деловна коалиција во борбата со корупцијата. Очекуваме активностите да добијат интензитет, а меѓународните клаузули и практики, кои имаат голема улога во спречување на корупцијата, ќе станат дел од нашата пракса во креирање на договорите. Како клучни стратешки чекори, кои е потребно да се реализираат, е препораката од страна на Владата за употреба на ICC-антикорупциската клаузула во договорите за јавните набавки, како и воспоставување институционална поддршка за упатствата на ОЕЦД. Силно веруваме дека резултатите што биле посакувани со децении, но не биле постигнати на национално ниво, со заеднички сили многу бргу ќе ги постигнеме“, изјави Кулебанова.
На работениот состанок, кој се одржа во услови приспособени на пандемијата, присуствуваа и Данела Арсовска, претседавач на Интернационалната стопанска комора, Роберт Декер, заменик-амбасадор на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, претседателката на Државната комисија за борба со корупција, Билјана Ивановска, директорката на Академијата за обука на судии и јавните обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, и главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски.
Во изминатиот период во рамките на Коалицијата воспоставена е комуникација и се презедоа активности со релевантните институции, кои се важни алки во синџирот и секоја од свој аспект може да даде придонес во борбата со корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

