Македонија
Николовски на комеморативна седница во Општина Врапчиште: Сочувствуваме со болката во оваа голема трагедија

Владина делегација предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на Комеморативна седница во Општина Врапчиште, за загинатите во вчерашната сообраќајна несреќа.
„Примете искрено сочувство за загинатите од име на Владата и од мое лично име. Нека почиваат во мир. Длабоко сочувствуваме со вашата болка и голема загуба. Земјата е во тага, ова е голема трагедија за целата наша држава. Ќе направиме сè што e можно, да ги поддржиме сите семејства на загинатите сограѓани. Грижата нема да ги замени тагата и болката, но поддршката е потребна за да продолжите понатаму. Тоа е почит кон починатите и наша заложба да ви помогнеме вам, нивните семејства“, им порача Николовски на семејствата на загинатите.
Во тешката и трагична сообраќајна несреќа загинаа 14 лица, а седум од повредените се во тешка состојба.
„Посакуваме брзо заздравување на повредените. Нашите мисли се со нив. Се надевам дека што поскоро ќе се вратат кај своите семејства“, додаде Николовски.
Двајца од починатите и тројца од повредените во сообраќајната несреќа се од Оопштина Врапчиште.
„Со жалост ја примив веста за трагичниот настан што се случи вчера. Дел од патниците се и граѓани од нашата општина. На повредените им посакувам здравје, а на фамилиите на загинатите им пренесувам сочувство од мое име, од име на општинската администрација, од Советот и сите граѓани на општина Врапчиште“, порача градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.