Македонија
Николовски: Патриотизам е да носиш храбри одлики со кои ќе го потврдиш македонскиот идентитет
Со години пред избори политичарите ветуваа ЕУ и НАТО, ама не се најде никој да ги донесе тие одлуки, да ја креира таа иднина. За само две и пол години, ние ги засукавме ракавите и рековме нема да се криеме и носевме храбри одлуки. Носевме одлуки без калкулација и ги решивме проблемите, го заштитивме идентитетот, македонскиот јазик го потврдивме. Тоа е патриотизам, да носиме храбри одлуки што нè носат напред“, рече Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3 на коалицијата „Можеме“ на синоќешната трибина во Пробиштип.
Тој нагласи дека претставниците на бизнис-секторот се радуваат на нашиот влез во НАТО бидејќи на тој начин нивниот бизнис е побезбеден и има реални шанси за напредок. Тоа е резултат на храбрите одлуки кои биле без калкулации и со кои се потврди македонскиот јазик и идентитет.
„Има една Македонија, нема друга, таа е Република Северна Македонија, со потврда на сите особености на нашиот јазик, нација и култура. Пред само две и пол години бевме раскарани со сите. Денеска сме светол пример, модел за решавање проблеми и за силен напредок што го трасираме. Фирмите се радуваат на влезот во НАТО, тоа е за нив капитал, нивните фирми повеќе вредат и се посигурни. Влеговме во НАТО, ќе влеземе и во ЕУ“, рече Николовски.
Тој додаде дека сè уште не е решено сè, но се покажа дека набргу, доколку се работи домаќински и одговорно, може да се постигне напредок.
„Влезени сме во политиката за да докажеме дека состојбите може да се променат, граѓаните да веруваат на политичарите во чесните и одговорните, оние што работат единствено во интерес на граѓаните. Не за Субрата Рој и за бегалецот во Будимпешта“, рече Николовски и додаде дека ова е нереформирана, корумпирана ВМРО-ДПМНЕ, со кандидати на Никола Груевски, со куп темни дамки и афери, кои удираат боксови на жени, кои трошат пари на панорамско тркало.
За разлика од нив, Владата на СДСМ беше најтранспарентна влада, која пред граѓаните отворено ги презентира сите трошоци, а нејзините функционери не ги трошеа парите за сопствени потреби, како што тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

