Македонија
Николоски: Ветувавме дека нема да има уставни измени под бугарски диктат и немаше, сега ќе нема влада со ДУИ
Изборот е дали Македонија ќе ја градиме како што ја сонуваа нашите предци или Македонија ќе ја уништуваат СДСМ и ДУИ. Изборот е дали ќе имаме нормална држава или држава која тоне во криминал и корупција. Овие шест и пол години како раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателот Христијан Мицкоски секојдневно се боревме со криминалната власт, не имаше секогаш кога е потребно на македонските улици, плоштади да се спротивставиме на предавствата, криминалот и корупцијата и 8 мај е денот кој го чекавме со години. Затоа 8 мај е круна на нашата борба, 8 мај е денот на победата, денот на кој нашата генерација добива шанса Македонија да ја направи пристојно место за живеење, истакна носителот на Изборна единица 4 од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
„На 8 мај одлучуваме каде оди Македонија и затоа ни е потребна масовна референдумска излезност, а после тоа она што го ветуваме ќе го оствариме затоа што ние сме многу сериозни во нашите ветувања. Кога рековме не за промена на Уставот под бугарски диктат ние бевме сериозни во тоа и го направивме тоа, кога рековме битка со организираниот криминал и корупција ние бевме сериозни и не потклекнавме под ниедна уцена и закана, кога рековме ќе ја чуваме македонската национална гордост ние го направивме тоа, кога рековме градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат без скандали го рековме и го направивме тоа и затоа кога велиме влада без ДУИ ние го мислиме тоа и ќе го направиме тоа, ќе одат во опозиција и ќе одговараат“, посочи Николоски.
Тој кажа дека овие избори се и „за слобода на уставобранителите“.
„Овие избори се и за слобода на уставобранителите и за правда на онеправданите. Овие избори се за над 3.000 семејства пред се членови на ВМРО-ДПМНЕ кои беа жртва на политички прогон во изминативе шест и пол години. Овие избори се за правда, економски напредок за едно ново утре за сите вас, за сите нас“, додаде Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

