Македонија
Николоски: Во Македонија не важат законите, пример за тоа е договорот со „Бехтел и Енка“
„За жал во Македонија држи едно неславно место некаде околу 100-тото место според перцепција за корупција согласно Извештаите на „Транспаренси Интернешнл“. И случувањата во Судскиот Совет и Совет на јавни обвинители, тие институции што треба да бидат столб на независното судство и независното обвинителство, гледаме наместо тоа се има поле за реализација на политички и би рекол бизнис интереси“, истакна Александар Николоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Комисијата за европски прашања.
Николоски посочи дека деновиве пратениците трчаат од една во друга сала бидејќи интензивно заседава Комисијата за европски прашања со цел да се променат закони за договорот со „Бехтел и Енка“.
„Ние денеска требаше да трчаме од една во друга сала, да отидеме во друга сала па да отидеме во друга, затоа што во Собранието овие денови интензивно заседава Комисијата за европски прашања. Но, таа Комисија не заседава за да се спроведуваат закони кои што се дел од пристапниот процес кон ЕУ иако е Комисија за европски прашања, и тоа и е работата. Туку таа Комисија заседава за да се сменат осум закони кои што се поврзани со две компании, едната се вика „Бехтел“ од САД, а другата се вика „Енка“ и е од Турција, кои што на магичен начин добија во Македонија договор со кој што треба да изградат три автопатски делници во номинална вредност од 1 милијарда и 300 милиони евра и која што веројатно на крај ќе оди преку две милијарди евра“, напомена Николоски.
Тој додаде дека покрај тоа што компаниите добија договор да изведат три автопатски делници на комплетно нетранспарентен начин, бидејќи немаше јавен повик, немаше ниту тендер, изведувачите беа директно изберени од страна на Владата. А, за да се покрие правно се изгласа закон во Собранието. И тоа беше малку, па побараа да се сменат уште осум закони, тоа се закон за работни односи, закон за градење, закон за урбанистичко проектирање итн.
„Во Македонија за „Бехтел и Енка“ законите не важат. Значи ако треба сумарно овие осум закони да ме прашате што значат, значат дека за овие две компании во Македонија закони нема“, рече Николоски.
„Со цел побрзо да бидат изгласани овие закони Владата ги прати во Собранието со европско знаменце“, рече тој.
Николоски упати честитка до ЕК бидејќи таа реагираше дека се работи за злоупотреба на европското знаменце од страна на Владата.
„И финално овој договор е класифициран верувале или не, пратениците треба да гласаат закони кои што се поврзани со овој договор но не смеат да го видат договорот“, укажа Николоски.
Тој рече дека Македонија ќе плати 53 милиони евра пенали на изведувачот доколку работната недела не се промени од 40 на 60 часа. Или истиот договор вели дека 70% работници можат да бидат странци. И проблематично е што истите не треба да чекаат дозвола и работна виза за да работат во државата туку можат да работат веднаш без да ја добијат соодветната документација. Договорот со „Бехтел и Енка“ е најдобар доказ како се злоупотребува Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните денови сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се обрати на 133-тата сесија на комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур, при што ја истакна улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од разна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите членки, ја носиме одговорноста за неговата ефикасност“, истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на рамковната Конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
„Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ, при решавање на заедничките проблеми, е од особено значење“, додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и многубројни средби со свои колеги од разни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.