Македонија
Николоски – Маринеску: Фокусирани сме на развој на брз транспорт долж европската транспортна мрежа
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со Мариан – Жан Маринеску, координатор на новоформираниот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.
На средбата се разговараше за владините активности и проекти што се реализираат на европските транспортни коридори, со посебен акцент на коридор 8 кој е дел од новоформираниот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.
Николоски истакна дека Владата е фокусирана на развој на сите видови транспорт долж трансевропската транспортна мрежа со што Македонија дава голем придонес во развој и промоција на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Исто така, тој ја потенцира решителноста на Владата за доизградба на железничкиот и патниот коридор 8, како и подготвеноста за изградба на брза пруга на Коридор 10 како услов за регионален развој и интеграција со пазарите на ЕУ.
„Подготвени сме за имплементација на акционите планови за изградба и модернизација на патиштата, зголемување на безбедноста на патишта, унапредување на железничкиот систем, транспортно олеснување и мултимодалноста. Во таа насока сме силно посветени на подобрување на транспортната инфраструктура и преземаме активности за изградба и рехабилитација на транспортната мрежа која е дел од основната и сеопфатна мрежа на европските транспортни коридори. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан, како и меѓу Западен Балкан и ЕУ е клучен фактор за понатамошна интеграција која ќе донесе јасни придобивки за економиите и граѓаните на регионот, како и стимулирање на економскиот раст на национално и регионално ниво”, истакна Николоски.
На средбата присуствуваа и директорите на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, на АД Железници Транспорт, Дејан Кошутиќ, како и заменик амбасадорот на ЕУ во Македонија, Бен Нупно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

